Пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, на денешната прес конференција посочи дека четири месеци Мицкоски и Тошковски ја прикриваа вистината за трагедијата во Кочани и прават сè за да ги заштитат полициските функционери поставени од нив.
„Наместо итно да се побара одговорност, власта штитеше, молчеше и манипулираше со јавноста. Целта беше јасна – да се спречи вистината, за да се побегне од одговорноста од врвот на власта, до директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и до министерот Панче Тошковски. Само по силен јавен и политички притисок, на СДСМ и дел од медиумите конечно беа отворени постапки против неколку полициски началници.
Сега е јасно како ден дека вината е во врвот на МВР, во врвот на власта и за тоа мора да има кривична, правна и политичка одговорност“, речеТалевски.
Според Талевски директорот на БЈБ, Јанев треба да одговара кривично по закон и хиерархија, а министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски мора веднаш да поднесе оставка, бидејќи без нвно повлекување, секоја истрага за правда е компромитирана и селектива, како што беше и до сега.
„На пример, како е можно главната инспекторка за економски криминал Кристина Јованова да не е опфатена со истрагата. Таа имала надлежност да постапи, а не презела ништо, иако дискотеката „Пулс“ работела нелегално повеќе од една година – без лиценца, со блокирана сметка. Дури и сè уште е на функција. Затоа е заштитена од политички структури на власта и скриена зад ѕидот на молкот и неказнивоста. Штитејќи ја неа, всушност се штити и директорот на БЈБ, кој е директно одговорен за нејзиното (не)постапување“, рече Талевски.
Талевски посочи дека полицијата имала обврска да го затвори објектот, а не да спроведува контроли кои биле спротивни на процедурите.
„Не се прави контрола на објект кој нелегално работи тој се затвора. Полицијата исто така имала должност да спречи внес на пиротехнички средства, за што знаеме дека е клучен причинител за пожарот. А кој ги постави сите овие началници, одговорни полицајци, надлежни полициски службеници? Кој им давал наредби? Тошковски и Јанев. Затоа одговорноста мора да почне од нив“, рече Талелвски.
Тој посочи дека СДСМ ќе ја продолжи борбата за вистината и најави дека следува продолжение, „Вистината за Кочани 2“ – со нова серија факти и аргументи, со нови информации. Опозициската партија бара владејачката партија предводена од Христијан Мицкоски да каже:
„ВМРО-ДПМНЕ да каже колку пари во форма на донации земале од осомничените од Пулс?“
Од СДСМ порачаа дека правда за Кочани мора да има. За Кочани, за жртвите, за семејствата, за правната држава.