Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВМРО-ДПМНЕ договара влез на нов телеком оператор во четири очи, без тендер и без постапка за најповолна или најдобра понуда

Николоски и Јазаи, еден спроти друг во разговор за влез на 4иГ на македонскиот телеком пазар
Николоски и Јазаи, еден спроти друг во разговор за влез на 4иГ на македонскиот телеком пазар

На вчерашната седница Владата ја разгледала информацијата на министерот за транспорт и врски Александар Николоски за писмото со намери на операторот 4iG од Унгарија, да влезе на македонскиот пазар, како дел од стратегијата на таа компанија за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан.

Во соопштението на Владата се вели дека ова е во интерес на ставот за зголемување на конкуренцијата и намалување на цените на услугите во мобилната и фиксната телефонија, но нема ништо за стратегијата на извршната власт тоа да го постигне низ транспарентна и конкурентна постапка, која обично се прави низ тендерска постапка. Само така, законски и транспаретно се овозможува на стратешки интерес, како што е влез на телеком оператор на пазарот во Северна Македонија, и само така се овозможува избор на најповолна или најквалитетна понуда.

Но, ВРМО-ДПМНЕ ги прескокнува сите вообичаени и со закон предвидени постапки и пред очите на целата јавност си договара влез на нов телеком оператор во четири очи.

Уште еднаш: Без тендер и без конкурентна постапка за најповолна или најдобра понуда со која им се обезбедува фер пристап на секој со намера и со капацитет да стане уште еден телеком оператор на македонскиот пазар.

Освен за писмото за намери на унгарскиот оператор, министерот Николоски си зел и улога на промотер и застапник на оваа компанија и ја претставил 4iG Групацијата како „втор по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенска и одбранбена индустрија. Во 2022 година, 4iG Групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE“.

Николоски рекол дека 4iG Групацијата „изразила интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија и дека иницијативата е усогласена со стратегијата на 4iG Групацијата за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан.

Во соопштението на Владата нема ништо за стратегијата на Владата за ова прашање и врз основа на која анализа е утврдено дека на македонскиот пазар има место и за четврти оператор, какви услуги се очекуваат од него и под кои услови потенцијалните компании би влегле во земјата.

Освен ако за влезот на унгарски 4иГ не се подготви, посебен, специјален закон. Но, тоа е постапка којашто ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја напаѓаше како практика на претходната влада кога во прашање беа големите стратешки инвестиции, а премиерот Мицкоски неколку пати досега рече дека тоа е минато.

Она што не го кажал Николоски е дека унгарската компанија е една од оние блиски до Виктор Орбан, односно една од неговите омилени компании којашто отворила ново поглавје во изградбата на економската империја за влијание на владата на унгарскиот премиер.

Според Истражувачките новинари и проверувачи на факти на Директ36 од Унгарија, кои како своја мисија го имаат разоткривањето на злоупотребата на моќта и влијанието, на корупција, злоупотреба на јавните финансии, 4iG е компанија која брзо се шири со многу силна владина поддршка. Како што открива истрагата на Директ36, владата на Орбан не само што тајно ѝ помогна на компанијата во аквизициите со кои се позиционираше на унгарскиот пазар, на оваа компанија ѝ обезбедила повеќе од 70 милијарди форинти државни инвестиции.

Според унгарските новинари, 4iG не е поврзан со владата на Орбан само преку финансиски врски. Развојот на компанијата е исто така тесно усогласен со регионалните амбиции за моќ на Виктор Орбан. 4iG e тесно поврзана и со регионалните амбиции за моќ на Виктор Орбан за кого Западен Балкан треба да биде под унгарска сфера на влијание, па затоа компанијата запопочнала да се шири и во Западен Балкан, што премиерот го смета за регион кој треба да биде претворен во унгарска сфера на влијание.

Сето ова фрла многу појасна светлина на врските на актуелната македонска Влада со унгарскиот премиер кој вети една милијарда евра поволен заем за Северна Македонија, а еве сега и влез на унгарски телеком кој ќе ја зголемел конкуренцијата и ќе ги намалел на цените на услугите во мобилната и фиксната телефонија на телеком пазарот во земјата.

Секако, ова е информација вредна за внимание на Комисијата за заштита на конкуренцијата, но и на Државната комисијата за спречување на корупцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен