ВМРО-ДПМНЕ ги распореди старите кадри на нови позиции во Извршниот комитет

Нов генерален секретар е пратеникот Драган Ковачки, додека организациски секретар е Ивица Томовски, кој досега ја водеше Службата за општи и заеднички работи и Централниот штаб.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница го избра новиот состав на Извршниот комитет на партијата, со што лидерот Христијан Мицкоски ја потврди стратегијата за обнова и зајакнување на партијата. Нов генерален секретар е пратеникот Драган Ковачки, додека организациски секретар е Ивица Томовски, кој досега ја водеше Службата за општи и заеднички работи и Централниот штаб. Мицкоски нагласи дека новиот комитет претставува спој на искусни кадри и нови членови, со цел ВМРО-ДПМНЕ да се приспособи на современите предизвици.

„Целта е создавање силна, обединета и ефикасна структура која ќе нуди конкретни решенија за граѓаните“, рече Мицкоски. Тој додаде дека во наредниот период ќе се отвори простор за нови идеи, нови членови и свежа енергија, како и за избор на претседатели на општинските комитети и нови раководства на Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани.

Шефот на владиниот кабинет, Владимир Нелоски, останува на својата позиција, а Мицкоски најави дека најдоцна до јуни ќе се реализира реконструкција во владата, со можни промени и во некои институции. Според него, ова е дел од подготовката за идни изборни победи и за јасна визија за подобар живот на граѓаните.

Членови на новиот Извршен комитет се: Александар Николоски, Владе Мисајловски, Гордана Димитриеска-Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галески, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновск, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакупоски, Драгана Бојковска, Синиша Стојаноски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.

Со оваа реконструкција, ВМРО-ДПМНЕ се позиционира како партија со стабилна структура, подготвена за идни предизвици и за мобилизирање на поддршка на локално и национално ниво.

Зачлени се на нашиот е-билтен