Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВМРО-ДПМНЕ го прифатија Конески и македонскиот јазик … или му наместија на Молошоски?

Веднаш после државната химна, на свечената академија по повод 8 Септември – Денот на независноста денеска, Владата, односно ВМРО-ДПМНЕ како организатори, вклучија видео со песната „Везилка“ со гласот на Блаже Конески.

Не знаеме како се чувствувал заменик претседателот на Собранието и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски – дали му местат од сопствената партија?

Како и да е, Милошоски никогаш нема да може да ја „испере“ навредата што во 2011 година ја искажа на кодификаторот на македонскиот јазик и основоположникот на современата македонска поезија и на науката за македонскиот јазик, за основачот на високо-образовните институции, како што е Факултетот за македонски јазик и литература, на МАНУ… Блаже Конески.

Милошоски никогаш не се извини за навредата кон Конески и кон македонскиот народ. Постојат некои записи од 2023 година кои велат дека кога рекол дека поетот од Небрегово е „џуџе“ во 2011 година бил млад бунтовник.

Младиот бунтовник тогаш зад себе имал сериозна политичка кариера која во 2006 му го донесе местото министер за надворешни работи која ја извршуваше до 2011 од кога ја паметиме неговата навреда за Конески.

Тешко дека тоа може да се нарече искуство на млад бунтовник.

Тоа е истиот Милошоски и истата партија што не гласаа за Законот за македонски јазик минатата година, откако претходно го блокираа неговото донесување.

Ете и тоа е можно, денес, на свечената академија по повод Денот на независноста, Конески, некогаш џуџето од Небрегово за ВМРО ДПМНЕ, стана џин и лајтмотив на нивната прослава со слоган „Заедно се бориме, заедно ќе успееме“.

Никогаш тој  безумен  чин не бил навреда само за Конески, туку пред сѐ за навреда на Македонија и на сите граѓани што живеат во Македонија и почитувачи на делото на Конески во светот.

И најголемите радикали  и шовинисти ја завршуваат својата политичка кариера истиот миг кога ќе искажат  вакви подлости за национални дејци кои ја задолжиле повеќе татковината од сите  тие национал патриотски политичари заедно. Отстранувањето од политиката на Милошоски со јавно извинување требаше да уследи од самиот партиски врв на ВМРО ДПМНЕ.

Да биде демагогијата уште поголема, ВМРО-ДПМНЕ пред неколку години објави изборен спот, во кој наратор ја читаше песната „Молитва“ на Конески, а спотот беше илустриран со снимки од протестите на „Шарената револуција“. Милошоски овој спот го ставаше на неговите профили на соц мрежите.

И не е само тоа. ВМРО ДПМНЕ никогаш не се огради ниту од лустрацијата на писателот и творец  што го напиша првиот роман на македонски јазик, Славко Јаневски, ниту од навредите врз Коста Рацин, основачот на современата македонска литература, ниту од навредите и срамната лустрација без право на одбрана на плејада македонски дејци.

И тоа е дел од нашата современа историја на независноста. Така ни било пишано. Но, никогаш нема да заборавиме.

Зачлени се на нашиот е-билтен