ВМРО-ДПМНЕ како онаа бугарската: Ова покачување не е покачување

ВМРО-ДПМНЕ
Maconan, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа на најавите за зголемување на цената на електричната енергија, посочувајќи дека тврдењата на СДС за поскапување од 5 проценти не се точни.

Во кусата партиска реакција се истакнува:

Уште една лага на СДС распрсната, нема покачување на струјата како што тврдеа, имаме најниско покачување во Европа. СДС тврдеше дека државата ќе има поскапување на струјата од цели 5%. Се потврди дека станува збор за уште една голема лага. Покачувањето е 2,28% и е најниско во Европа. Владата реши да ја субвенционира електричната енергија и со тоа директно да го заштити стандардот на граѓаните. СДС и Филипче треба да се извинат што го лажеа народот и граѓаните и споделуваа црни сценарија. 

Во соопштението се наведува дека со ваквите мерки се спречиле, како што велат, црните сценарија кои биле пласирани во јавноста од страна на опозициската СДС. Од партијата додаваат дека СДС и Венко Филипче треба јавно да им се извинат на граѓаните поради, како што оценуваат, ширење невистини и дезинформации.

Она што не го кажува ВМРО-ДПМНЕ е дека пониското покачување не доаѓа како резултат на владата, туку како одлука на Комисијата за енергетика која ги имала предвид јавниот интерес кога се во прашање цените на енергијата, дефинирањето на крајните цени што ќе гарантираат услови за непречено снабдување со електрична енергија, како и заштитата на потрошувачите од ценовен шок.

Зачлени се на нашиот е-билтен