По сите изговори низ годините да не присуствува на вакви настани, ВМРО-ДПМНЕ сега од позиција на власт најави дека ќе учествува во одбележувањето на годишнината од Охридскиот договор. Според најавата прославата е поделена на три дела, од кои првиот дел ќе биде панел дискусија, потоа ќе има свечена седница во Владата, а вечерта ќе се организира официјален прием во Музејот на современа уметност на Македонија.
Иако ВМРО-ДПМНЕ како партија стои со потпис зад Охридскиот договор, во континуитет го избегнуваа неговото славење. СДСМ минатата година ги критикуваше дека бегањето од одбележување на годишнината од Рамковниот договор е тешко политичко лицемерие кое потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ се уште е заглавена во поделбите по етнички линии.
Рамковниот договор беше потпишан на 13 август 2001 година, а со кој беше ставен крај на неколкумесечниот вооружен конфликт во земјава. Конфликтот се водеше меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Македонија.
Она што е интересно е што досега не е објавена ниту една сума во врска со прославата за која опозицијата со години критикуваше дека е прескапа. На прашањата на Рацин.мк го добивме следниот одговор и појаснување дека организацијата ја презема Генералниот секретаријат на Владата.
-Во однос на организацијата и прашања поврзани со јавна набавка за организација на одбележувањето, Ве известуваме дека не е спроведена јавна набавка, бидејќи се работи за компанија ангажирана од претходната влада, а станува збор за компанија во однос на техничка поддршка како што е бина, озвучување и/или видео-бим. Повторуваме, не е спроведена јавна набавка, како наследено од минатата влада, туку организацијата ја презема Генералниот секретаријат на Владата. Во оваа насока истакнуваме дека заврши безочното трошење народни пари и тендери кои завршуваа во партиски штабови, велат од Владата за Рацин.мк.
Иако според најавите задачата годинава да ја организира прославата за 23 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор ја доби вицепремиерот и министер за односи меѓу заедници Иван Стоилковиќ, на предлог од неговиот колега, вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити кој доаѓа од коалицијата Вреди (Влен), сепак тендерот за организација на овогодишната прослава беше поништен на 26 јули, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. Во меѓувреме на веб-страницата на Бирото за јавни набавки не е објавен нов оглас за компанија која ќе ја организира прославата.
Според записникот од владината седница, Стоилковиќ бил задолжен да побара согласност од Бирото за јавна набавка за спроведување на постапка за јавна набавка, без објавување на оглас, за искористување на предвидените средства во буџетот за 2024 година.
Како причина за таквата одлука, Владата ја навела итноста од спроведување на јавната набавка и временското ограничување кое, како што се вели во записникот, создава „неможност да се спроведе постапка во редовна процедура“.
Според она што се најавува, прославата на Меџити, т.е. на власта ќе почне во Клубот на пратеници со панел дискусија на тема “23 Години од Рамковниот договор, децентрализацијата останува предизвик”, на која покрај вицепремиерот од редовите на Вреди ќе учествува и министерот за локална самоуправа Златко Перински од ВМРО-ДПМНЕ, покрај неколкуте панелисти.
Потоа на свечената седница во Владата обраќање ќе има и премиерот Христијан Мицкоски, додека попладнето во Музејот на современата уметност ќе има свечен прием на кој повторно ќе зборува Меџити, а не е најавено дали ќе присуствува и премиерот со другите министри.
Арбен Таравари изјави денес дека упатил покана до ДУИ, но тие решиле да имаат приватна прослава.
Минатата година прославата на годишнината на Рамковниот договор се претвори во концерт кој заврши со антимакедонски сакандирања, а претходно по втор пат беше организирана Школата за млади лидери и „Peace Forum Dialogue“ со над 80 учесници во Маврово. Оваа, како и прославата во 2020 година беа силно критикувани од опозицијата не само заради присвојувањето на настанот, туку и заради трошењето големи сретства, сега пак од позиција на власт не даваат информација колку чини прославата. Чествувањето лани чинеше околу 100 илјади евра, а тендерот, на кој немаше конкуренција, го доби тетовската фирма Арберија дизајн, која во повеќе наврати до сега добиваше разни тендери распишани од Владата или од поединечни министерства.
С.Т.