Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВМРО-ДПМНЕ, пишман партија: Пожарите набавката на хеликоптерите од „Леонардо“ ја направија добредојдена

Министерот за одбрана Владо Мисајловски на прашањето дали новите хеликоптери кои се набавуваат од италијанската фирма „Леонардо“ ќе се користат и за гаснење на пожари, даде потврден одговор.

„Хеликоптерите ќе бидат опремени со инсталација подготвени за гаснење на пожари“, изјави Мисајловски.

И така, со една куса изјава за целисходноста на набавката на италијанските хеликоптери, се угасија сите пожари што ги подметнуваше ВМРО-ДПМНЕ во врска со набавката на 8-те најмодерни хеликоптери „Леонардо“.

Рацин.мк побара коментар на оваа „пишман“ изјава на Мисајловски од поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка на СДСМ Славјанка Петровска.

„Изјавата е потврда за исправната одлука која ја донесовме за набавка на нови хеликоптери и дека нападите во предизборието беа единствено со цел да ме дискредитираат. Ова е доказ за правилната стратешка одлука за набавка на овој тип на повеќенаменски хеликоптери кои навистина се од голем интерес не само за Армијата туку и за системот на цивилна заштита“, изјави за Рацин.мк Петровска.

Во изјавата за нашиот портал таа уште информираше дека во нејзиниот мандат во Министерството за одбрана веќе бил подготвен проект за целосна реформа на постојниот систем за управување со кризи.

„Според моделот што го предложивме во Министерството за одбрана, Дирекцијата за спасување и заштита и Центарот за управување со кризи треба да се спојат и како една единица да бидат под координација и управување на МО и Армијата. За ова веќе беа предвидени и финансиски средства во буџетот на МО, кои за жал со ребалансот се одземаат. На овој начин ќе се постигне висок степен на ефикасност и економичност на државните ресурси. Се надевам дека новата Влада ќе го продолжи овој проект во иднина“, вели во изјавата за Рацин.мк Славјанка Петровска.

Да потсетиме дека оваа набавка што ја потпиша претходната министерка за одбрана Славјанка Петровска беше жестоко критикувана од страна на ВМРО-ДПМНЕ како извор на корупција или, пак, дека биле договорени летала кои не се соодветни на нашата воена доктрина.

Поранешната министерка за одбрана на обвинувањата дека се прави набавка во пресрет на изборите тогаш аргументираше дека се работи само за финална постапка за процес кој е започнат пред 5 години.

Ова е добар податок кој треба да се има предвид дека првите хеликоптерите треба да пристигнат во периодот од втората половина на 2026 до крајот на 2028 година.

Ќе помине уште некое време додека да ги дочекаме, но доколку се одложеше нивната набавка, ќе поминеа уште најмалку 4-5 години за постапката за набавка, плус година, две за испорака…

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново