По пожарот на Универзална сала, екипата на „Внимание, внимание“, ги праша скопјани, дали пожарот можеше да се спречи ако Универзална беше реконструирана на време? Повеќето граѓани дадоа потврден одговор, како и на прашањето дали сметате дека реконструкцијата на Универзална треба да продолжи веднаш.
„Треба да се процени што од тоа треба да се отстрани, да се отстрани веднаш, и да се реконструира, и конечно да се врати Универзална сала во Скопје“, вели една скопјанка.
Граѓаните дадоа одговори и на прашањата „Дали знаете зошто Универзална сала, се нарекува баш Универзална?“ и „Каков симбол е Универзална сала за Скопје и скопјани?“.
За повеќето Скопјани, „Универзална“ е симбол на меѓународна солидарност, културен и култен симбол, „симбол на нешто многу убаво“, „една точка во која што живее детството на многу Скопјани“, велат граѓаните.
На прашањето „Кога очекувате да се заврши и да можеме повторно да уживаме во настани и манифестации внатре?“, граѓаните дадоа различни и оригинални договори, но повеќето од нив се надеваат што побргу. Една граѓанка поентира: „Што е можно побргу би сакала да ја видам Универзална во истото руво, ново, и да може да ја однесам ќерка ми, на пример, на „Златно славејче“ таму, а не во чудни места кај што нема акустика.“
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.