На 10 дена до Новата Година, „Внимание, внимание“ ги прашува граѓаните дали си ги оствариле желбите годинава. Изненадувачки, повеќето граѓанки и граѓани дадоа позитивни одговори. Еден поискусен граѓанин мудро констатираше: „Око на човек е ненаситно, и желбите крај немаат“.
На прашањето која е личноста која остави најмногу белег во 2023-та, повеќето граѓани велат „ниту една“. Иако имаше спомнување и на конкретни личности, повеќето ги истакнуваат своите блиски – дечкото, пријателот, или инспиративната баба која се изборила повторно да застане на нозе по тешката болест.
Доколку би биле претседател на еден ден, што би направиле прво, граѓаните даваат различни одговори – социјална правда и социјално избалансирана држава, журка на плоштад, да нема поделба кај македонскиот народ, повеќе украси и посреден град, хуманитарни концерти, студентски град и клинички центар, подобро здравство, жена за претседател, „за сите луѓе да има леб“…
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.