Бројот на нуклеарни боеви глави подготвени за лансирање се зголеми минатата година, се нагласува во извештај објавен денеска од норвешка невладина организација.
Од почетокот на оваа година, државите кои официјално објавија дека поседуваат нуклеарно оружје и оние за кои постои сомневање дека го поседуваат имаа 9.576 нуклеарни боеви глави подготвени за лансирање – што е еднакво на „повеќе од 135.000 бомби како онаа фрлена врз Хирошима“ се вели во извештајот на норвешката невладина организација „Норвешка народна помош“ (Norsk Folkeshjelp).
Во саботата рускиот претседател Владимир Путин објави дека постигнал договор со Минск за распоредување тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија.
Минатата година вкупниот број на нуклеарни боеви глави подготвени за лансирање се зголеми за 136 поради зголемувањето во Русија, Кина, Индија, Северна Кореја и Пакистан, се наведува во извештајот на норвешката организација.
„Ова зголемување е алармантно и е продолжение на трендот што започна во 2017 година“, изјави претставник на Норск Фолкешјелп.
Осумте земји кои официјално објавија дека поседуваат нуклеарно оружје се САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Индија и Пакистан, а за Израел се претпоставува дека поседува такво оружје. (МИА)