Традиционално, со концерт, но овој пат под силен дожд, што не им го расипа расположението на граѓаните, беше осветлена новогодишната елка на плоштадот Синтагма во Атина, а атинскиот градоначалник Харис Дукас вели дека грчката метропола нуди богата празнична програма, не само за Грците, туку и за туристите.
Осветлувањето на 19-метарската новогодишна елка, беше проследено со концерт на познат грчки пејач, а Грците, на сите возрасти, опремени со чадори се забавуваа неколку часа.

Помеѓу песните беше и одбројувањето, за да се означи почетокот на празничната атмосфера во Атина и да се запалат сите сијалички, како на самата елка, така и на околните улици.
Елката е украсена со црвени и златни новогодишни топки, впечатливи украси од осветлен плексиглас во различни форми, како и 3.000 метри светлечки ленти, а на плоштадот Синтагма, вклучително и оние на елката поставени се вкупно 21.000 метри светлечки украси, односно 168.000 лед светилки.
Венците на столбовите и светлечките ѕвезди закачени на дрвјата од минатогодишната празнична декорација остануваат и оваа година.
Со осветлувањето на алката, се комплетираше и празничното „руво“ на Атина, со оглед на тоа што во изминатите денови беа украсени централните булевари.
Исто како и лани, елката по празниците ќе биде донирана на Академијата за ликовни уметности за да се користи како суровина за уметнички резбарски проекти за студентите.
Градоначалникот на Атина Харис Дукас по осветлувањето најави дека оваа година подготвуваат богата програма, за прв пат ќе биде поставен и божиќен маркет на плоштадот пред општинската зграда, а новата година повторно, организирано ќе се дочека на плоштадот Синтагма.
На прашањето на дописничката на МИА, дали грчката метропола може да се вброи во новогодишните туристички дестинации, посочи дека исполнетоста на хотелите во Атина, говори сама по себе.

„Не е потребно да им кажам на туристите дека е и новогодишна дестинација, бидејќи веќе имаме многу туристи. Исполнетоста во хотелите е 70-80 отсто и ова покажува дека Атина е дестинација 12 месеци во година, бидејќи е гостопримлив град, бидејќи е град со различни бои, со специфични населби“, посочи Дукас.
За денешниот концерт и осветлувањето на елката изрази задоволство што сите „танцувавме на дождот и луѓето останаа тука“.
„Сите знаеме дека Божиќ не е едноставен празник, туку е чувство. Чувство на солидарност, љубов, топлина, спомени од нашето детство, а пораката е една: годинава за време на празниците во Атина никој нема да биде сам“, нагласи атинскиот градоначалник.

