Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Белград се руши Југославија

Денеска во Белград започнува рушењето на Хотел Југославија.

Хотелот „Југославија“ повеќе од половина век беше синоним за луксуз и престиж, сведочејќи за времето кога во Белград доаѓаа светските претседатели, кралеви и кралици и ѕвезди.

Хотел Југославија е отворен е во 1969 година како еден од најлуксузните хотели во поранешна Југославија и меѓу петте најголеми и најубави хотели во Европа. Беше затворен за посетители во 2006 година. Во март 2024 година беше најавено дека ќе стане дел од брендот The Ritz-Carlton.

Архитектонски конкурс за оваа зграда, односно за државниот репрезентативен хотел Белград, како што тогаш беше планирано да се вика, беше објавен во 1947 година. Првата награда ја доби Институтот за дизајн на Хрватска, односно познатите архитекти на загрепската школа на модерноста. Младен Каузлариќ, Лавослав Хорват и Казимир Остроговиќ. Нивниот проект предложи бескомпромисно модернистичко дизајнирана зграда, соодветна на идејата за Нов Белград како модерен град. Локацијата за хотелот на кејот Дунав, веднаш до железничката станица Земун, е одредена во Главниот план на Нов Белград од архитектот Никола Добровиќ. Врз основа на првонаграденото решение и проект, изградбата на хотелот започна веќе во 1948 година.

Потоа, во соработка со градежни компании и младински работни бригади, изградена е комплексна основа на армирано-бетонска плоча во која се зафатени околу 3.800 м3 се вгради бетон, чиешто бетонирање траеше 20 последователни дена и беше завршена цела армирано-бетонска скелетна конструкција. Но, веќе во 1949 година, поради економската криза што следела по политичката криза од расцепот со Советскиот Сојуз и земјите од Варшавскиот пакт, била прекината изградбата на Нов Белград, а со тоа и изградбата на хотелот за да биде повторно обновена дури во 1960 година, и тоа според модифицираниот проект, кој го креирал еден од авторите на првонаграденото решение на конкурсот, архитектот Лавослав Хорват.

Хотелот Југославија се градел цели шест години (1961-1967), а бил отворен дури во 1969 година, кога ентериерите беа завршени според проектите на водечките белградски архитекти: Иван Антиќ, Мирко Јовановиќ, Владета Максимовиќ и Милорад Пантовиќ.

Кога се отворил во 1969 година, Хотел „Југославија“ бил најголемиот и најмодерен хотел во поранешна Југославија, со површина од 50.000 квадратни метри, осум ката и придружни згради, 1.500 соби, 1.100 кревети во 200 еднокреветни, 400 двокреветни соби и 23 апартмани, ресторан со 600 седишта и помал ресторан со 200 седишта и сите придружни содржини. На самиот покрив на хотелот порано имало градина украсена со маса и стол излеани во бетон само за Тито. Во импресивниот поглед на реката покрај хотелот некогаш уживал и самиот Јосип Броз Тито, од неговиот претседателски апартман на горниот кат.

Најинтересен и денес е лустерот кој претставува симбол на едно време. Монументален со 40.000 кристали Сваровски, лустерот е симболот на моќта на една ера во поранешна Југославија.

Станува збор за лустер кој е специјално создаден за Белград и за овој хотел. Долг е 30 метри, широк пет метри, а со своите 40.000 кристали Сваровски, ова беше најголемиот лустер во светот. Четиринаесет тони – толку е тежок лустерот во лобито на хотелот кој влезе и во Гинисовата книга на рекорди.

Сваровски лустерот долж лобито на Хотел Југославија


Хотелот, кој беше замисла на познатиот загрепски архитект Лавослав Хорват, бил изграден како бескомпромисно модернистички дизајниран објект во хармонија со брутализмот на Нов Белград, кој ја претставуваше едноставноста преку луксузен хотел достапен за луѓето. Кога бил изграден, Хотел Југославија бил најголемиот и најмодерен хотел во поранешна Југославија.

Хотелот првично требаше да се вика Белград, но името беше сменето во Југославија поради потребата од грандиозност. Конечно, градежништвото го следеше економскиот подем на СФРЈ.

„Во 1969 година, кога беше отворен хотелот, Југославија требаше да покаже колку е силна земјата – финансиски најмногу, бидејќи бевме меѓу Западот и Истокот“, велат историчарите.



Хотелот бил „проектиран како луксузна зграда за странски државници, која на странските владетели требало да им го покаже успехот и силата на југословенскиот самоуправен социјализам. Од втората половина на 1960-тите и во текот на 1970-тите, Југославија почна да води неврзана политика, а самиот хотел требаше да покаже дека работи и дека имаме пари.


„Хотел Југославија беше најголемиот во СФРЈ и неговата цел беше токму тоа – да покаже колку е земјата силна и голема финансиски, но и политички и културолошки„ велат историчарите.

Хотелот Југославија „не треба да се гледа изолирано, туку како дел од огромен градежен проект од социјалистичкиот период, што беше потврдено со изложбата „Кон конкретна утопија“ во музејот МОМА во Њујорк“, вели Бранислав Димитријевиќ, историчар на уметност и теоретичар.

Гости во хотелот биле британската кралица Елизабета, американските претседатели Ричард Никсон и Џими Картер, либискиот лидер Моамер Гадафи, астронаутите Нил Армстронг и Баз Олдрин, германскиот канцелар Вили Брант, пејачката Тина Тарнер, актерот Кевин Костнер, Нил Армстронг …

По распадот на Југославија, започнува и распадот на хотелот. Во ноќта помеѓу 7 и 8 мај 1999 година, два проектили биле фрлени на западното крило на хотелот. Тоа бил еден од најжестоките воздушни напади на авијацијата на НАТО за време на бомбардирањето, кога биле погодени и центарот на градот, кинеската амбасада во Нов Белград и воената команда во Земун, пишуваше тогаш неделникот Време. Шефот на британската дипломатија следниот ден рече дека хотелот Југославија е „легитимна цел“ затоа што „се смета дека се користи како штаб на водачот на паравоените сили Аркан“, пишува „Време“.

По бомбардирањето, хотелот почнал да се распаѓа, а речиси и да немал гости.


Хотелот, велат историтичарите е еден од примерите за пропаѓање на наследството од социјалистичкиот период. Со зградите изградени за време на социјализмот се случува „таа социјална имагинација да се сведе – на имагинација на катастрофа“, ќе кажат историтичарите во Белград.

Само неколку дена пред предвиденото рушење, претседателскиот апартман на синот на сите народи и националности е сè уште таму, иако сега е трошен и полн со птичји измет. Таму е и лустерот, симболот на моќта на една ера во поранешна Југославија и сите руинирани соби, салите кои негаш беа синоним на луксуз денес се синоним само на едно време кое одамна не постои и кое полека паѓа во заборав, исто како и грандиозноста на хотелот Југославија.

Редакција Трн

Најново