Министрите на ЕУ се собраа денеска за да разговараат неделава за начините за подобра заштита на младите луѓе на интернет – од дезинформации и зависност до дигитално вознемирување. Иако е малку веројатно дека сите предлози ќе станат закон, пораката беше јасна: ЕУ сака построго да ја регулира технологијата кога станува збор за деца, јавија бриселски медиуми.
Ова е само една од неколкуте идеи што министрите за образование и млади на ЕУ ги разгледуваат на состанок во Брисел – заедно со предлозите за построги проверки на возраста, ограничувања за користење на социјалните мрежи за малолетници и создавање план на ЕУ за борба против кибер-малтретирањето, јави Евроњуз.
Еден од предлозите е целосна забрана за мобилни телефони во училиштата. Неколку земји од ЕУ веќе воведоа вакви мерки: Франција, Холандија, Италија, одредени региони на Шпанија, а неодамна и Луксембург ја забранија употребата на мобилни телефони за време на училишниот ден.
Италија, која веќе ги забрани мобилните телефони од градинка до основно училиште, побара од Брисел да ја прошири забраната на ученици под 14 години низ цела ЕУ. Министерот за образование, Џузепе Валдитара, рече пред состанокот дека има поддршка од Австрија, Франција, Унгарија, Словачка и Шведска, кои „експлицитно ја поддржаа иницијативата“ и Литванија, Кипар, Грција и Белгија, кои „најавија поддршка“.
Професорот по медицинска статистика на Кингс колеџ во Лондон, Бен Картер, за „Еуроњуз“ во декември изјави:
„Никој навистина не знае дали забраната на мобилните телефони во училиштата е добра или лоша работа.“
Некои влади сакаат да одат чекор понатаму. Франција предложи забрана за социјалните мрежи на ниво на цела ЕУ за лица под 15 години.
„Во отсуство на европски договор, Франција ќе дејствува независно“, изјави Клара Чапаз, француска министерка за вештачка интелигенција. Таа додаде дека ќе се обиде да состави коалиција со Шпанија, Грција и Ирска за да ја убеди Европската комисија.
Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, поддржа построги мерки, вклучително и забрана за паметни телефони за деца под 11 години и построга проверка на возраста на социјалните мрежи.
Државниот секретар на Шпанија за млади и деца, Рубен Перез Кореа, ја нагласи потребата од построги онлајн проверки на возраста. Тој предупреди за новиот закон за заштита на децата што се очекува во шпанскиот парламент, а кој би овозможил поширока употреба на апликацијата „Картера дигитал“ – дигитална лична карта – за пристап до содржини за возрасни, вклучително и проверка на возраста пред гледање видеа на ЈуТјуб или отворање сметки на социјалните мрежи.
Шпанија, исто така, сака родителската контрола автоматски да биде вградена во сите платформи. Во моментов, не постои сигурен и пријателски кон приватноста систем за проверка на возраста на корисниците на интернет. Мета – матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм – тврди дека одговорноста треба да биде на продавниците за апликации, кои треба да вршат проверки.
Сепак, неколку закони на ЕУ веќе ги обврзуваат платформите да ја потврдат возраста на корисниците. Постои Законот за дигитални услуги (DSA), Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги (AVMSD) и Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR), која се однесува и на приватноста на децата. Новата предложена регулатива за материјал за сексуална злоупотреба на деца (CSAM), која се уште е во фаза на преговори, исто така би барала ефикасна идентификација на возраста за да се заштитат децата од предатори.
„Ако сакаме да постигнеме напредок, потребни се ангажманот на Европската комисија и соработката. Поединечните земји нема да можат ефикасно да ја ограничат возраста за пристап – но заедно можеме“, изјави за „Еуроњуз“ полската министерка за образование, Барбара Новацка.
Младинските организации, кои беа поканети на масата на Советот, ја повикаа ЕУ подобро да ги спроведува веќе постојните закони – како што се DSA, AVMSD и стратегијата „Подобар интернет за деца“ – кои веќе вклучуваат алатки за заштита на помладите корисници, но честопати не се применуваат во пракса.
Европскиот комесар за меѓугенерациска еднаквост, млади, култура и спорт, Глен Микалеф, изјави за „Еуроњуз“ дека се во тек нови иницијативи, вклучувајќи:
– насоки на ЕУ за заштита на децата,
– акциски план против кибер малтретирање,
– нова студија за менталното здравје на младите луѓе и влијанието на социјалните мрежи, која треба да биде објавена до крајот на 2025 година.