– Во два одвоени случаи југозападно од грчкиот остров Гавдос биле откриени и спасени вкупно 107 бегалци и мигранти, а четворица од нив биле уапсени под сомнение дека се криумчари, јави дописничката на МИА од Атина.
Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека во првиот случај, од танкер што се наоѓал во близина, биле спасени 73 лица, меѓу кои шест деца, а по спроведената истрага, двајца биле уапсени и се осомничени дека се криумчари, а наплаќале меѓу 3.200 и 5.000 долари.
Во вториот случај, товарен брод што пловел под знамето на Панама, исто така во близина на Гавдос, забележал гумен чамец со вкупно 34 лица, кои биле спасени.
И во овој случај двајца од спасените биле криумчари и се уапсени, а мигрантите платиле меѓу 3.000 и 7.000 евра.