Во близина на грчките острови Лезбос и Самос, во два одвоени случаи со чамци со мигранти, животот го загубиле двајца, а Крајбрежната служба на Грција спасила вкупно 84 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Северозападно од Самос, биле спасени 47 мигранти, од кои 16 деца и биле пренесени на островот, а од морето било извлечено безживотното тело на една жена.
Според тврдењата на преживеаните, лицето кое управувало со чамецот, за да побегне паднал во морето и оттогаш се води како исчезнат.
Во вториот случај, во морскиот дел јужно од Лезбос биле лоцирани и спасени 37 лица, а еден маж го загубил животот.
Поконкретно, Крајбрежната служба на Грција преку европскиот број за итни случаи 112 била известена за чамец во тешка позиција, на кој се пренесувале мигрантите.
Спасените биле безбедно префрлени на пристаништето во Митилини.
И за двата случаи надлежните започнале прелиминарна истрага.