Индустриските производни цени во Европската унија (ЕУ) во јули 2025 година се зголемиле за 0,6 отсто во однос на претходниот месец, додека во еврозоната месечниот раст изнесувал 0,4 отсто, соопшти Евростат. Овој раст е малку понизок од оној забележан во јуни, кога цените се зголемиле за 0,7 отсто во ЕУ и 0,8 отсто во еврозоната.
Гледано на годишно ниво, индустриските цени во јули пораснале за 0,4 отсто во ЕУ и 0,2 отсто во еврозоната.
Според секторите, најголем месечен раст во јули е регистриран кај енергенсите – 2,3 отсто во ЕУ и 1,5 отсто во еврозоната. Цените на трајните производи за широка потрошувачка се зголемиле за 0,2 отсто, капиталните добра за 0,1 отсто, додека цените на нетрајните производи останале непроменети, а на полуфабрикатите се намалиле за 0,2 отсто.
На годишно ниво, најмногу поскапеле нетрајните производи за широка потрошувачка во ЕУ со раст од 2,2 отсто, следат капиталните добра со 1,7 и трајните производи со 1,6 отсто. Цените на енергенсите паднале за 1,1 отсто, а на полуфабрикатите за 0,1 процент. Во еврозоната, нетрајните производи пораснале за 1,9 отсто, капиталните добра за 1,8, трајните производи за 1,7 проценти, додека енергенсите поевтинале за 1,2, а полуфабрикатите за 0,3 отсто.
По земји, најголем месечен раст на индустриските цени во јули е забележан во Романија (6,7%), следат Бугарија (5,7%), Словачка (2,8%), Данска (2,6%), Ирска (1,3%), Шведска (1,2%) и Холандија (1,1%). Пад на цените е забележан само во шест земји – Естонија (1%), Летонија (0,7%), Луксембург (0,4%), Кипар (0,2%) и Германија и Словенија по 0,1 отсто.
На годишно ниво, најголем раст на индустриските цени има во Бугарија (10,7%), Данска (4,5%), Романија (2,5%), Италија (2,4%), Шведска (2,2%) и Грција (2,1%), додека најголемо намалување е забележано во Естонија (6,1%), Луксембург (4,5%), Португалија (3,6%) и Летонија (2,3%). Единствено во Словачка индустриските цени останале непроменети на годишно ниво.