Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Франција утре прв круг парламентарни избори, екстремната десница се надева на историски резултат

Во пресрет на утрешниот прв круг од парламентарните избори во Франција, секој втор Французин се плаши дека ќе победи екстремната десница, која според истражувањата и овој пат како и на изборите за Европскиот парламент има шанси да освои најголем број гласови.

Францускиот парламент има 577 пратеници, а кој ќе седне во него ќе одлучат утре и на 7 јули 49,5 милиони Французи.

Противниците на екстремната десница имаат причина да се грижат – според резултатите од истражувањето, спроведено меѓу 21 и 24 јуни, екстремно десничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен го поддржуваат 36 отсто од Французите, левичарскиот Нов народен фронт 29 отсто, а коалицијата Заедно, во која е вклучена и Преродба на Емануел Макрон, 19,5 отсто од француските гласови.

„Екстремната десница очекува историски резултат“, пишува францускиот BFMTV, кој наведува дека републиканците се „во криза“ и потсетува на расколот во таа партија откако нивниот претседател Ерик Сиоти и дел од оние кои го поддржуваат влегоа во коалиција со екстремната десница. Со одлука на судот, Сиоти остана на чело на партијата и покрај обидот на неговите противници да го исклучат од партијата.

Раздорот во таа десничарска партија, според сите проценки, нема да биде без последици по изборните резултати.

„Колку повеќе го слушам она што го зборува т.н (левичарски) Нов народен фронт, толку повеќе се прашувам дали да гласам за Народниот собир веднаш, во првиот круг. Републиканците и онака немаат никакви шанси“, изјави за Монд еден 76-годишен пензионер кој со години гласа за десничарите.

Од друга страна, популарноста на Емануел Макрон е во опаѓање откако тој реши да распише предвремени парламентарни избори веднаш по успехот на екстремната десница на европските избори. Според резултатите од истражувањето, по таа одлука само 27 отсто од Французите се задоволни од неговото владеење, додека 72 отсто имаат сериозни замерки на потезите на францускиот претседател.

„Од почетокот на кампањата за парламентарните избори, Емануел Макрон се мачи да го убеди гласачкото тело, кое се чини дека му врти грб“, пишува францускиот Курирер интернешнал и ги пренесува пишувањата на странските медиуми кои оценуваат дека од францускиот претседател се дистанцираат неговите партиски и коалициски колеги.

Германскиот весник Шпигел, наведува Курирер интернешнал, обрнува внимание на фактот дека Макрон бил спомнат само еднаш за време на двочасовната телевизиска дебата меѓу неодамнешниот премиер на Франција, Габриел Атал, Џордан Бардела, за кого екстремните десничари се надеваат дека ќе ја преземе премиерската функција, и Мануел Бомпар, од левичарската Непокорна Франција.

„Како да не постои“, пишува германскиот весник и наведува дека Макрон го спомнале само Бомпар и Бардела на крајот од дебатата, кога апелирале до француските гласачи повеќе да не му даваат поддршка на „макронизмот“.

Во обид да ги убедат Французите да гласаат за нив на изборите, тројцата кандидати во текот на дебатата зборуваа пред се за планот за зголемување на куповната моќ, за реформата на пензискиот систем, како и за имиграциската политика.

Габриел Атал истакна дека „од следната зима“ ќе ја намали цената на струјата, додека Бомпар вети дека ќе ги блокира цените на основните прехранбени производи.

Жордан Бардела смета дека странските државјани во Франција повеќе не треба да имаат бесплатно здравствено осигурување, а убеден е и дека треба да се укине правилото според кое секој кој е роден и живее во Франција автоматски добива француско државјанство.

„Сакам да застанеме на патот на масовната имиграција“, рече Бардела, обраќајќи му се на Бомпар, кој одговори дека Франција е изградена благодарение на „брановите на имиграција“.

Според пишувањето на ТВ5 Монд, еден од двајца Французи се плаши од победата на екстремната десница на изборите. Неодамна имаше неколку протести против екстремната десница, а пред неполни две недели, на 15 јуни, најмалку 250.000 луѓе излегоа на протести низ Франција.

Сепак, ова е значително помалку од протестите на 1 мај 2002 година, кога повеќе од милион луѓе излегоа на улиците на Франција за да го изразат своето незадоволство бидејќи во вториот круг од претседателските избори влезе лидерот на екстремно десничарскиот Национален фронт, Жан-Мари Ле Пен.

Против екстремната десница гласаа и француските спортисти: во писмо објавено на веб-страницата на весникот „Л’Екип“, повеќе од 160 спортисти се потпишаа со апел до Французите да гласаат против екстремната десница.

„Денеска имаме таков резултат што сме на прагот да го загубиме натпреварот. Но, остануваат уште неколку дена „продолжеток“ за да реагираме. Да гласаме против екстремната десница, која постигна историски резултат на европските избори“, се вели во писмото потпишано, меѓу другите, од поранешната тенисерка Марион Бартоли, фудбалерот Викаш Дорао, боксерот Брахим Аслум и последниот француски победник на Ролан Гарос, Јаник Ноа.

Поради опасност од екстремната десница на Французит им се обратија Јарослав Курски од полскиот весник Gazeta Wyborcza и неговиот главен уредник, историчар и поранешен полски дисидент, Адам Михњик.

„Пред шест месеци Полска излезе од најтемниот период од падот на комунизмот. Уништување на демократијата, газење на правната држава, ставање под контрола на медиумите, дехуманизирање на ЛГБТ заедницата, институционализирање на политиката на омраза, предавање на државата на олигарсите, екстремен национализам. Сето ова траеше долги осум години. Знаеме во каква застрашувачка опасност е Франција денес“, пишуваат Кирски и Михњик во писмото објавено во „Монд“.

Кирски и Михњик ги предупредуваат Французите добро да размислат дали ќе гласаат за екстремната десница и претходно да слушаат што велат оние кои имаат искуство кога со земјата управуваат „авторитарни популисти, националисти и антиевропејци“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира