Во гимназиите во Дебар и Центар Жупа во прва година запишани 112 од предвидените 272  ученика

Во гимназиите „28 ноември“ во Дебар и „АТА“ во Центар Жупа, во првото пријавување, од првиот уписен рок, во прва година, за учебната 2025/2026 година, пополнети се само 112 од предвидените 272 ученички места.

Во гимназијата во Дебар, според Конкурсот на МОН, право на упис имаа 204 завршени деветоодделенци на двата наставни јазика, 68 на македонски и 136 на албански наставен јазик.

-Во првото пријавување од првиот уписен рок запишани се 95 ученици, од кои  25 се на македонски и 70 на албански наставен јазик. За второто пријавување од првиот уписен рок остануваат непополнети 109 места, од нив 43 за македонски и 66 на албански наставен јазик, изјави за МИА, професорката Афрона Леши, одговорна за упис.

Во гимназијата „АТА“ во Центар Жупа, според директорот Сабри Асан запишани се 17 ученици, од нив 2 за паралелката на македонски и 15 на турски наставен јазик.

Врз основа на конкурсот на МОН предвидената квота е 68 ученици во 2 паралелки, односно по 34 ученици во паралелката со настава на македонски и исто толку за паралелката на турски наставен јазик.

Во првото пријавување за упис учениците потребно беше да имаат минимум 60 поени. За второто пријавување, како и за августовскиот, втор уписен рок, потребниот минимум поени се очекува да биде намален.

Зачлени се на нашиот е-билтен