Во грчкиот Парламент доставен буџетот за 2026 година – предвидува раст од 2,4 отсто

Во дописот до пратениците, министерот и заменик-министерот објаснуваат дека стапката на раст се очекува да изнесува 2,2 отсто во 2025 година и 2,4 проценти за 2026 година, наспроти 1,3 и 1,2 отсто во Еврозоната

Раст од 2,4 отсто, дополнително намалување на невработеноста на 8,6 проценти, зголемување на инвестициите, намалување на инфлацијата на 2,2 отсто, предвидува, меѓу другото, државниот буџет на Грција за 2026 година, што денеска беше доставен во Парламентот.

Министерот за национална економија и финансии на Грција Кирјакос Пиеракакис, заедно со заменик-министерот Танос Петраљас, на претседателот на Парламентот Никитас Какламанис, како и секоја година му го доставија УСБ стикот со буџетот, но за првпат, беше доставен и во целосно дигитална форма, достапен преку QR-код што води до сајтот на министерството, хостиран на G-Cloud.

Во дописот до пратениците, министерот и заменик-министерот објаснуваат дека стапката на раст се очекува да изнесува 2,2 отсто во 2025 година и 2,4 проценти за 2026 година, наспроти 1,3 и 1,2 отсто во Еврозоната, а номиналниот БДП се очекува да се зголеми од 248,7 милијарди евра во 2025 на 260 милијарди евра во 2026, додека инфлацијата се предвидува да се намали од 2,6 на 2,2 проценти.

„Почетокот на 2026 година ќе ја затекне грчката економија во услови на континуиран динамичен раст, во меѓународна средина што и понатаму се одликува со геополитичка неизвесност, променливи услови на глобалната трговија и енергетските пазари, како и опасности за фискалната и политичката стабилност во големите европски економии. И покрај неизвесноста во глобалната економска средина, се предвидува дека грчката економија ќе продолжи шеста година по ред да бележи значително повисока стапка на реален раст од просекот на Еврозоната“, пишува во дописот за буџетот за следната година.

Објаснето е дека важна улога во забрзувањето на стапката на раст играат даночната реформа и другите мерки најавени на Меѓународниот саем во Солун во септември годинава, а преку структурната реформа на оданочувањето на приходите со акцент на младите, семејствата со деца и средната класа, директно се зголемуваат приходите на граѓаните.

Паралелно, во однос на долгот како процент од БДП се очекува шеста година по ред да забележи најголемо намалување во Европската Унија и да биде под 140 отсто, а предвидувањата се дека ќе изнесува 138,2 проценти, „што претставува најниско ниво од 2010 година“.

Претседателот на грчкиот Парламент Никитас Какламанис, откако го прими буџетот соопшти дека дискусијата на надлежната комисија за економски прашања ќе се одржи на 27 и 28 ноември, по што ќе биде донесен на петдневна расправа пред пратениците на пленарна седница.

Расправата во Парламентот за државниот буџет за следната година ќе започне на 13 декември и ќе заврши со гласање на полноќ на 17 декември. 

Зачлени се на нашиот е-билтен