Во Грција, во последните пет години во просек 357 лица годишно ги губат животите во водна средина

Според Светската здравствена организација (СЗО) над 30 луѓе ширум светот го губат животот од давење секој час, секој ден, а во Грција, за време на летниот период во соопштенијата од Крајбрежната служба секојдневно има случаи на домашен или странски турист кој животот го загубил во морето, додека и оваа сезона, меѓу загинатите има и македонски државјани, а последниот случај е од четвртокот.

Во Грција, во последните пет години во просек 357 лица годишно ги губат животите во водна средина според податоците од Опсерваторијата за несреќи на невладината организација „Safe Water Sports“, а Елиса Карабетиан-Никотиан од организацијата во разговор со дописничката на МИА од Атина ги анализира податоците и причините за давење, но и советува: како да се заштитиме од давење за време на летниот одмор во Грција.

„Safe Water Sports“ е невладина организација што работи на подигање на безбедноста при спортови и активности во вода, особено за деца и туристи, годинава одбележува десет години постоење, а соработува со Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), со Министерствата за поморство и туризам, како и со Крајбрежната служба.

Согласно податоците од организацијата и од ЕОДИ, во 2024 година, 395 лица ги загубиле животите во водната средина во Грција за време на пливање, водни спортови, активности за водна рекреација.

„Сега засега сме подобри од лани и ова требаа да се нагласи како позитивно. Досега до јули имаме 197 давења за разлика од 245 што имавме лани за истиот период во сите овие месеците“, вели Карабетиан-Никотиан.

Статистиката покажува дека од несреќите со трагичен крај, 98 отсто се во близина на брегот, а не на отворено море, при пливање (95 проценти), а 66 отсто од несреќите за време на пливање се случиле на плажи на кои нема спасител.

Најранлива возрасна група се лицата над 60 години, кои се 81 отсто од смртните случаи.

Во текот на летната сезона во Грција животот поради давење во море го губат и голем број туристи, а годинава, во текот на јуни и јули на грчките плажи се удавија и четворица македонски државјани: 20-годишно момче на првиот крак на Халкидики, 77-годишна жена на вториот крак, 80-годишен маж во близина на Кавала, како и последниот случај од четвртокот со давење на 75-годишна жена во близина на првиот крак.

Елиса Карабетиан-Никотиан „Safe Water Sports“ за МИА анализира дека главните причини за давење се преценување на сопствените способности особено кај старите лица, недостиг на надзор за децата, пливање на пусти плажи без спасувачи, јадење непосредно пред пливање.

„Мнозинството што ги губат животите се повозрасни лица, повеќето секогаш се мажи, но за жал во последниот период имаме случаи и со мали деца“, вели Карабетиан-Никотиан.

За децата, објаснува дека нaјчесто не постои надзор, „многупати родителите ги оставаат без надзор, без разлика дали се на море или на безен“.

Дополнително вели дека нешто што важи и за децата и за возрасните е дека многу често, јадат и веднаш влегуваат во вода и пливаат, а задолжително треба да поминати два-три часа.

„Оние што се повозрасни одбираат да одат на плажа многу рано наутро за да нема луѓе и да не биде толку топло, односно околу 8-10 часот, временски период кога нема спасувачи. Исто така ги преценуваат своите можности, одат сами, што е погрешно. Треба секогаш да имаме некој со нас, за доколку ни се случи нешто да може да ги извести надлежните. Секогаш да избираме плажа со спасувач, ние многу го нагласуваме ова, да не одиме непознати води, кога нема никој таму, колку и да е убава плажата. Да пливаме секогаш паралелно со плажата бидејќи така не ја губиме нашата ориентација, да не одиме зад карпи каде што не може никој да не види, да внимаваме дури и со скокање во вода, бидејќи неодамна имавме случај со малолетно дете кое се повреди паѓајќи од карпа, при скок, секогаш треба да ја контролираме длабочината на морето и секако да не ја напуштаме означената безбедна зона за капачи“, објаснува Карабетиан-Никотиан.

Зачлени се на нашиот е-билтен