Во Грција за злоупотреби паѓаат функции, кај нас Трипуновски се кара со сите

Во Грција аферата со земјоделските субвенции отвори истраги, оставки и реконструкција на владата. Во Македонија, во исто време, земјоделците повторно ги бараат субвенциите, а министерот Цветан Трипуновски наместо да ја смири нервозата во секторот, сè почесто влегува во расправија и со земјоделците, и со опозицијата, и со секој што ќе ја доведе во прашање политиката што ја турка.

Грчкиот пример деновиве е непријатен потсетник што значи политичка цена кога субвенциите ќе влезат во зона на злоупотреба. Европското обвинителство побара симнување на имунитетот на најмалку 11 пратеници, меѓу нив и министри, поради истрагата за спорните исплати преку агенцијата ОПЕКЕПЕ. Претходно, еден министер и четворица високи владини функционери веќе поднесоа оставки, а премиерот Кирјакос Мицотакис на 3 април направи реконструкција на кабинетот за да го ограничи политичкиот удар. На сето тоа се надоврза и казна од 392 милиони евра што ЕУ ѝ ја изрече на Грција поради лошо управување со субвенциите.

Кај нас, наместо јасен сигнал за одговорност и смирување на секторот, јавноста добива поинаков тон. Трипуновски најави повисоки критериуми за добивање субвенции и засилени теренски контроли, а дел од критичарите и оние што, според него, се обидуваат да го заобиколат системот, ги нарече „ловци на субвенции“. Со тоа, местото на објаснување и доверба го зазеде јазик на поделба, во кој земјоделецот веќе не е само корисник на мерки, туку и можен сомнителен.

Во меѓувреме, министерот тврди дека од почетокот на 2026 година се исплатени околу 20 милиони евра поддршка и од Битола порача дека земјоделството останува еден од столбовите на македонската економија. Но токму во тој момент земјоделците повторно јавно ги бараат субвенциите, а дел од секторот со недели предупредува дека новата програма ги збунила и револтирала производителите, особено поради построгите правила и старите заостанати обврски што сè уште тежат врз системот.

Токму затоа споредбата боде. Во Грција аферата со субвенциите стана прашање за оставки, обвинители и парламент. Во Македонија, субвенциите сè уште се претвораат во политичка кавга, во која министерот звучи како да води фронт на сите страни, додека земјоделците и понатаму го чекаат најважното: јасни правила, предвидливи исплати и помалку конфликти околу парите од кои им зависи сезоната.

Зачлени се на нашиот е-билтен