– Претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили денеска соопшти дека го потпишал законот за странски агенти, кој беше усвоен од парламентот, откако претседателката на државата Саломе Зурабишвили одби да го стори тоа, со што законот стапи во сила.
– Денеска го потпишав законот за транспарентност на странско влијание. Целта на овој закон е зајакнување на политичкиот, економскиот и социјалниот систем на Грузија во однос на надворешното мешање, рече Папуашвили на прес-конференција.
Пратениците во грузискиот парламент, со мнозинство од 84 гласа спрема четири, во вторникот го отфрлија ветото на законот што го стави претседателката Саломе Зурабишвили.
На 14 мај, Парламентот на Грузија во трето и последно читање го усвои предлог-законот „За транспарентност на странско влијание“ предложен од владејачката партија Грузиски сон, а грузиската претседателка Саломе Зурабишвили, која е непартиска личност, стави вето на овој закон на 18 мај.
Според тој закон, невладините организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство ќе треба да се регистрираат како „агенти на странско влијание“. Владата на Грузија тврди дека законот за „странски агенти“ е неопходен за да се зачува транспарентноста и да се спречи вовлекување на земјата во конфликт со Москва.