Во Јапонија во 2025 година животот го загубиле 532 деца како резултат на самоубиство

Јапонија и во 2025 година бележи рекорден број самоубиства меѓу деца, покажуваат најновите прелиминарни податоци на јапонската влада. Според официјалните информации, во текот на изминатата година животот го одзеле 532 деца, што е за три повеќе од 2024 година, која исто така важеше за рекордна.

Податоците, објавени од агенцијата „Кјодо“, укажуваат дека станува збор за највисока бројка од 1980 година наваму, откако се води официјална статистика за вакви случаи.

Раст кај децата, пад кај возрасните

Овој алармантен тренд се случува во време кога вкупниот број самоубиства во Јапонија опаѓа. Во 2025 година вкупно 19.097 лица си го одзеле животот – првпат бројката да падне под 20.000 во последните децении.

Сепак, бројот на самоубиства меѓу деца останува загрижувачки висок и над 500 годишно уште од периодот на пандемијата со Ковид-19.

Најпогодени тинејџерите

Според податоците:

  • 352 случаи се регистрирани кај ученици од завршните класови на средните училишта
  • 170 кај ученици од пониските класови
  • 10 случаи се забележани кај деца од основно образование

По пол, бројките се речиси изедначени:

  • 277 девојчиња
  • 255 момчиња

Како главни причини за самоубиствата се наведуваат проблеми поврзани со училиштето, менталното здравје и семејните односи.

Длабока општествена криза

Иако Јапонија со години вложува напори во превенција на самоубиствата, експертите предупредуваат дека децата и адолесцентите сè потешко се справуваат со притисоците од образовниот систем, очекувањата на семејството и социјалната изолација.

Според статистиката, стапката на самоубиства во 2025 година изнесува 15,4 на 100.000 жители, што претставува благо намалување во споредба со претходната година, но растот кај најмладите останува сериозен аларм за јапонското општество.

Експертите предупредуваат дека се неопходни итни и посистемски мерки – подобра психолошка поддршка во училиштата, полесен пристап до ментално здравје и поголема вклученост на семејствата.

И покрај економскиот напредок и технолошката развиеност, Јапонија сè поочигледно се соочува со длабока општествена и психолошка криза која најсилно ги погодува најмладите.

Зачлени се на нашиот е-билтен