Две лица се уапсени во Косово под сомнение дека шпионирале за Српската разузнавачка агенција (БИА), објави порталот Воксњуз.ал (VOX News Albania).
Како што пишува порталот, станува збор за Бедри Шабани и Мухарем Ќерими на кои Обвинителството веќе им одреди 48 часовен притвор.
Воксњуз наведува дека Специјалното обвинителство на Косово ја потврдило операцијата развиена во соработка со Косовската разузнавачка агенција и косовската полиција, која резултираше со апсење на двајца осомничени шпиони.
Според медиумите во Косово, еден од нив, поточно Бедри Шабани од Феризај, претходно работел на косовската царина.
Шабани е татко на новинарот Зекирја Шабани, кој е сопственик на порталот „Факте плус“, додека до минатата година беше уредник и во телевизијата АТВ.
Зекирја Шабани беше многу активен во изборната кампања на Северна Македонија, за поддршка на ВЛЕН.
Тој ја подготвил изборната кампања за Африм Гаши, кој е избран за претседател на Собранието на Северна Македонија, пишува Перископ.
За апсењето на Бедри Шабани, реагираше и косовската царина, преку објава на Фејсбук е објавено дека тој ја напуштил функцијата во Царината во 2004 година.