Сведоци сме како изминатите години секој пат кога се изведуваат улици или недостасува велосипедска инфраструктура или истата се изведува без посебни стандарди. Рабниците се високи и по нив не можат да се движат велосипеди, инвалидски или бебешки колички. Некаде патеките се пошироки, некаде од бехатонки, некаде од нерамен асфалт.
Соња ТАНЕСКА
Иницијативата „Гоу грин“ во склоп на Националната вело-мрежа спреми Предлог-правилник за велосипедска инфраструктура и бара од Министерството за транспорт да го прифати и донесе на национално ниво.
Ако се донесе овој правилник, велат од иницијативата, секоја наредна сообраќајна инфраструктура низ Македонија ќе мора да има велосипедско решение. Независно дали е булевар, маалска уличка, обичен паркинг или велопат кој поврзува градови.
Македонија е меѓу последните 3 земји на Балканот кои немаат ваков Правилник и оставено е на секој планер самостојно да смислува решение.
За значењето на иницијативата редакцијата на Рацин.мк разговараше со Дарко Арсовски Петровски, раководител на извршна канцеларија во „Go Green“, активист за подобар урбан транспорт, велосипедист, екологист.
Според него она што недостасува е соодветна инфраструктура која би им олеснила на граѓаните како да се однесуваат во сообраќајот, бидејќи полициските билтени секојдневно се полнат со незгоди. Иако во изминатите години изградени се над 150 километри велосипедски патеки само во Скопје, сепак според велосипедистите не се обрнало внимание на квалитетот на велосипедската инфраструктура. Дел од патеките поминуваат на автобуските станици, наместо да ги заобиколат, другите завршуваат во ќорсокак, лошо се поврзани, на погрешни места има столпчиња итн.
-Има една изрека инфраструктурата го моделира однесувањето, не е крив човекот што не знае како да се движи во Скопје или пак било кој друг македонски град што е хаотично крива е нашата инфраструктура. Сите имаме конфликти едни со други, а реално сите сме истите, секој возач на било какво јавно средство во еден момент е пешак, некогаш вози автомобил, некогаш велосипед, а некогаш е во автобус ама секогаш е истиот човек само се менува начинот на движење и едноставно ако сакаме да функционираме едни со други и заедно во било кој град треба да разбереме дека сите се соочуваме со едни исти проблеми, го коментрира Петровски сообраќајниот хаос во градовите.
Тој вели дека „Гоу грин“ преку својата иницијатива бара кога се полага возачка дозвола за автомобил, како што прават западните земји, да има еден до два часа во чевлите на другиот.
-Тоа значи да се вози еден час велосипед, еден час да се биде пешак, и на тој начин и возачите ќе имаат повеќе разбирање за останатите учесници во сообраќајот бидејќи кога ние се движиме како другите сме потолерантни и ги разбираме нивните проблеми. За да биде подобро низ цела Македонија мора да има одредени принципи коишто се следат, а тоа го предложува овој правилник, вели Петровски.
„Гоу грин“ последнава година работеше со многу експерти, со различна позадина , инженери урбанисти, планери и врз основа на странски правилници, односно земји каде веќе ги имаат усвоено правилниците се адаптираше правилникот на македонските закони.
-Ако биде донесен на национално ниво од Министерството за транспорт значи дека ќе мора секоја наредна уличка , секој градоначалник, секој инженер проектант, да следат начела како се движи, како се проектира, како се планира и како се изведува таа инфраструктура, па дури и како се одржува, снег, дожд, гранки, лисја. Секој нареден булевар да се знае дали ќе биде столпчето поставено на 50 сантиметри, на 60 сантиметри или на едно метро за да можат и таа количка бебешка да може да помине безбедно да не мора да се симне од својот велосипед родителот. Токму затоа според нас овој правилник треба да се вметне во рамки на тој за урбанистичко планирање, којшто мора да го смени, бидејќи законот за урбанистичко планирање беше сменет пред неколку месеци, вели Петровски.
На прашањето во која категорија припаѓаат тротинетите и дали има регулатива за нивно движење тој вели дека најважна е пропишаната брзина.
-Ако се планира еден град да има одржлив транспорт, треба да ги земе сите средства за микромобилност во предивид и тоа не само нив, исто така има и колички, како приколак на точаци, имаме кафе колички, кои се огромни, имаме собирачи на пластика со колички што одат, треба да планираме и карго точаци. Тротинетите ги сместија на велосипедските патеки, тоа значи дека сега наеднаш има нова група на луѓе кои се движат побрзо, беспумно, нагло реагираат, а истите патеки се велосипедски. Тие ионака во Скопје, а и во Македонија беа небезбедни, сега одеднаш станаа уште понебезбедни, заради тоа. Е сега правилниците коишто ние ги користевме, светските, ги имаат земено и нив предвид, која е нивната максимална брзина, нивната прегледност, на пример велосипедистот може да даде знак кога врти лево, лева рака, десна рака на десно, , застани ако треба, како сака сам, но тротинетџијата мора да го држи право воланот и не може да дава сигнали, вели Петровски.
Тој заклучува дека добра работа е дека се повеќе се враќа во образованието практичното изучување на пешачкото и велоиспедско движење, за најмладите, од мали нозе да видат кои се знаците и како треба да се однесуваат како учесници во сообраќајот.
„Во важечкиот Правилник за урбанистичко планирање планирањето на велосипедскиот сообраќај е опфатено главно во член 162 и минимално во други членови. Што е недоволно од секоја гледна точка. Со таа цел Гоу Грин, во склоп на Националната вело-мрежа, спреми два предлог документи бара од Министерството за Транспорт да ги прифати и донесе на национално ниво:
- Предлог за измена на Правилникот за урбанистичко планирање со внесување на велосипедската инфраструктура
- Предлог правилник за велосипедска инфраструктура“, известуваат од здружението.
Овие документи можете да ги погледнете на линкот.