За оваа седмица се закажани пет музички настани и концерти, три танцови перформанси, работилница за стрип за најмладите и феминистичка трибина
Групата „Култур шок“ вечерва во 21 часот ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ). Џипси панк бендот базиран во Сиетл, САД, чии членови потекнуваат од Босна и Херцеговина, Бугарија и САД, настапи во МКЦ пред 4 години.
За утре, 5 април 2023 година, со почеток во 20 часот предвидени се три танцови перформанси како дел од годинашното издание на „Танц Фест 2023“, „Дали е реално?“ по кореографија на Гилда Цесарио од Италија, „OPUS I-IV“ по кореографија на Сандра Мавхима од УНАГЕ, Романија и „Lud:Us“ по кореографија на Jакуб Черулик од Нитра, Словачка.
На 6 април во Младинскиот културен центар ќе се одржи настанот за раскажување женски приказни „ПичПрич“ на темата „Бев Сама“, со кој ќе се најави и единаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ во соработка со Тииит.инк. Вечерта, во соработка со „Ротко“, во Денсинг салата на МКЦ настап ќе имаат „Soft Moon“.
На 7 април во МКЦ ќе се одржи првата од серијата бесплатни работилници за деца со Билјана Црвенковска на тема „Како се пишува приказна за стрип и зошто мора да ја има?“.
За 7, 8 и 9 април 2023 година се предвидени три последователни музички настани. Тоа се промоција на вториот албум на младиот македонски електронски артист Кеско (KESKO) со настап во живо и локална поддршка од DJ Flooder и Kronom.
На 8 април (сабота) ПМГ Колектив ќе има концерт на најдобрите хитови од изминатите 20 години постоење. В недела, 9 април, ќе има втор, акустичен концерт на Фанк Шуи, по нивниот распродаден концерт изминатата недела.
Програмската недела во Младинскиот културен центар почна синоќа, со отворањето на изложбата „МА“ на авторот Сашо Колевски, како прва негова самостојна изложба.