Во недела посебен режим на сообраќај во Скопје поради „Скопскиот маратон 2025“

На 5 октомври (недела) со почеток во 08:00 часот ќе се одржи традиционалниот „Скопски маратон 2025“, поради што во главниот град ќе биде воведен посебен режим на сообраќај.

Маратонската трка ќе се одвива по повеќе градски улици и булевари. Трасата на трката од 5 километри започнува на улица „11 Октомври“ кај Зелен пазар, продолжува по булеварите „Крушевска Република“ и „3-та Македонска Бригада“, а потоа се враќа по иста траса со цел на плоштад „Македонија“.

Трасата на маратонот, полумаратонот и штафетната трка стартува пред Собранието на РСМ и се движи низ централните булевари и дел од Аеродром. Натпреварувачите на маратонот ја поминуваат оваа делница двапати.

Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе спроведе посебен режим на пренасочување на возилата по околните сообраќајници.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да имаат трпение и да ги почитуваат насоките на полициските службеници за време на одржувањето на настанот.

Зачлени се на нашиот е-билтен