Празничната кошничка за Нова година ќе содржи производи со намалени цени, меѓу кои и основни прехранбени производи, месо, сувомеснати артикли, јужно овошје, и одредени млечни чоколади од 100 грама. Некои трговци велат дека не е сигурно дали новогодишните пакетчиња ќе бидат дел од понудата.
Во празничната кошничка, како и претходно, нема да бидат вклучени алкохолните пијалаци, пивото, чоколадите со јаткасти плодови, апетисаните, тортите и колачите, кои се сметаат за луксузни производи.
Новогодишната кошничка, слична на октомвриската, ќе биде достапна само за празниците, со ограничен број производи, а од МЕТ известуваат дека подготовката е при крај. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека граѓаните повторно ќе имаат можност да набават производи по намалени цени, слично како со есенската кошничка. Од Министерството за економија информираат дека се во финална фаза на договор со трговците.
Есенската кошничка заврши на 31 октомври и таа содржеше 73 производи, со намалена бруто-профитна маржа за 10 отсто. Од Владата им објавија војна на поскапувањата со есенска, предновогодишна, рамазанска и велигденска кошничка, во кои ќе има своевиден избор на производи што се најупотребувани во тие периоди од годината. Но, граѓаните речиси и не видоа некој поголем ќар од претходната мерка.
Од СДСМ, пак, критикуваат дека овие мерки се недоволни и повикуваат на храна без ДДВ за трајно подобрување на стандардот на граѓаните, со што тие би заштедиле до 2.000 денари месечно. Според нив, намалувањето на цените за само 0,1% е неприфатливо и потценувачко.
Цените за новогодишни пакетчиња се движат од 360 до 1.400 денари, додека декоративни пакети со вино и чоколади за деловни подароци достигнуваат и до 2.500 денари. Елките и новогодишните украси исто така веќе се достапни, со цени од 440 до над 20.000 денари за поголемите и поукрасените.