Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Охрид денеска ќе се одржи состанок меѓу Вучиќ и Курти под покровителство на Европската Унија

Во Охрид денеска ќе се одржи состанок на високо ниво од дијалогот меѓу Белград и Приштина меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, под покровителство на Европската Унија.

Учеството на состанокот, којшто го свика високиот претставник за надворешна политика и заменик претседател на Европската Комисија Жозеп Борел, ќе започне во 10:00 часот со пристигнување на поединечни учесници.

Борел, заедно со специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, најпрво ќе одржат одделни билатерални средби со лидерите на Србија и Косово, по што е предвидена и заедничка трилатерална средба.

На средбата ќе стане збор за финализирање на Анексот за имплементација на Договорот со ЕУ за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

На крајот на средбата ќе има изјава за медиумите од страна на високиот претставник за надворешна политика и заменик претседател на Европската Комисија Жозеп Борел.

Пред почетокот на дијалогот Белград-Приштина со посредство на ЕУ, премиерот Ковачевски, како домаќин во име на Владата на Северна Македонија, ќе има средба со Жозеп Борел и Мирослав Лајчак, а ќе одржи и тет-а-тет средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти.

На трилатералниот состанок што денеска ќе се одржи во Охрид синоќа му претходеше средбата на премиерот Ковачевски со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар и амбасадорката на САД во Северна македонија Ангела Агелер.

Зачлени се на нашиот е-билтен