Во Охрид се воведува брод-амбуланта со помош на ЕУ

Со европски средства, Охрид добива нов сојузник за заштита на луѓето и езерото: современ брод-амбуланта што ќе патролира по водата но и пари за еко-патролни тимови во Националниот парк „Галичица“. Проектот „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ е дел од ИПА 3 програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија и треба да ја зајакне и безбедноста на локалното население и заштитата на уникатната природа.

Бродот-амбуланта, кој повторно се враќа во функција, ќе биде целосно опремен за медицински интервенции и транспорт преку Охридското Езеро. Локалните власти очекуваат токму ова пловило да биде првата линија на помош за жителите на ривиерата и за туристите во летните месеци, кога езерото е најфреквентно, но и во зимски услови кога пристапот по копно е потежок. Намерата е секоја ургентна состојба од тешко достапните делови на брегот да може побрзо и побезбедно да се пренесе до здравствена установа.

Паралелно со тоа, во „Галичица“ ќе се формираат нови еко-патролни тимови. Тие ќе имаат задача да спречуваат нелегални активности, како сеча на шума и неконтролирани проширувања на инфраструктура, да реагираат при шумски пожари и несреќи, но и да бидат видлива поддршка за посетителите на планината. Општината Охрид очекува со овој чекор да се зајакне практичната заштита на националниот парк, кој со години е под притисок од урбанизација и зголемен туристички притисок.

Зачлени се на нашиот е-билтен