Индонезија се соочува со последиците од големите свлечишта и поројни поплави предизвикани од циклон на островот Суматра минатата недела, додека бројот на загинати денес го надмина 900.
Оштетени се големи површини земјоделско земјиште, брани и станбени куќи кои ќе мора повторно да се изградат, изјави претседателот Прабово Субианто за време на посетата на Ачех, една од трите провинции најтешко погодени од катастрофата.
Раководителот на Националната агенција за управување со катастрофи (BNBPB), Сухарјанто, изјави дека бројот на загинати се искачил на 921, додека 392 лица се водат како исчезнати, а 975.000 лица се раселени. Од погодените провинции – Ачех, Северна и Западна Суматра – најтешко погоден е Ачех, каде што загинале 366 лица, рече Сухарјанто.
Националната влада засега не сака да прогласи национална катастрофа
Стотици села и две погодени области во Ачех сè уште се отсечени, бидејќи патиштата се тешко оштетени. BNBP соопшти дека ќе бидат потребни околу 51,82 билиони рупии (2,66 милијарди евра) за повторна изградба на оштетените куќи и јавни објекти во трите провинции.
Националната влада засега е воздржана од прогласување национална катастрофа, а Прабово ги увери жителите дека администрацијата располага со доволно средства за покривање на трошоците за реконструкција.
Раселените жители се изложени на ризик од цревни заразни болести, респираторни инфекции и кожни заболувања, додека недостига здравствен персонал. „Ни требаат околу 600 лекари во следните најмалку три месеци за да бидат распоредени во изолираните и оддалечени области“, изјави министерот за здравство Буди Гунади Садикин.

