Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во последните 20 години, Македонија има изгубено 5,5% од шумите

Минатата недела во склоп пропратната програма на ЕХО Фестивал на планински филм, се одржа презентација на тема: „Пожари: што пред и после нив?“ на која зборуваа претставници од Македонското еколошко друштво. Тие ја отворија темата за тоа какви пожари постојат и какво влијание имаат врз биодиверзитетот. На панел дискусијата се зборуваше и за тоа колку правилното управување со шумите и ливадите ќе помогне во намалување на интензитетот на пожарите и како ние можеме да и помогнеме на природата.

На оваа тема разговарвме со Сара Крстевска, инаку дипломиран инженер по биологија, биохемија и физиологија, која во МЕД волонтира од 2018 до 2021 година на многу проекти кои опфаќаат заштита на различни групи организми и живеалишта, а во 2021 официјално станува дел од тимот. Работи во одделот за Заштитени подрачја и обнова на шумски предели и беше дел од панел дисусија.

Трн: Имавме многу пожари годинава. Колкава е според вас реалната штета на шумскиот фонд?

Сара: Во нашата држава годинава се регистрирани 130 пожари, на површина од 95.131 хектари. Од она што можевме да го просведочиме на терен, не секаде пожарите имаа исто влијание врз шумата и биодиверзитетот. На пример, штетите што беа направени од пожарите во Национален Парк „Галичица“ не беа големи, за разлика од пожарите кои беа во Заштитен предел „Малешево“. Што значи, во голема мера штетата зависи од вегетацијата која што е зафатена од пожарите.


Трн: Кои животни се најзагрозени од снемувањето на шумите кај нас?

Сара: Најзагрозени се малите цицачи, влекачите и безрбетниците кои живеат во дрвјата и на/во почвата. Со оглед на тоа што пожарите годинава се случија покасно, периодот за гнездење на птиците беше завршен, со што немаше скоро никаква штета врз нив.

Трн: Што после пожарите? Како се обновуваат опожарените шуми, се остава на природата или со пошумување?

Сара: Зависи од интензитетот на пожарите. Доколку интензитетот е мал и станува збор за површински пожар, истиот има позитивно влијание врз биодиверзитетот. Доколку пожарот е со висок интензитет и се шири неконтролирано, остава значајни последици за биодиверзитетот. И во овој случај има природна обнова, но истата се одвива со многу споро темпо. Во вакви случаи, често е потребно човечко влијание, односно пошумување.

Трн: Има ли држвата одржлива стратегија за шумите?

Сара: Државата има стратегија за одржливо управување со шумите. Останува да видиме колку истата ќе се спроведува.

Трн: Ги губи ли Македонија шумите? Што со пожарите, што со непланско сечење?

Сара: Во последните 20 години, Македонија има изгубено 5,5% од шумите. Загубата површински не е толку голема, колку што е намален квалитетот на шумите.

Трн: Кажете ни нешто за состојбата на глобално ниво со шумите и пожарите. На фестивалот имавме можност да видиме филм за пожарите во Сибир, неодамна изгоре дел од Амазон…што се губиме со опустошувањето на шумите?

Сара: Како и кај нас, така и на глобално ниво, бројот на пожари се зголемува секоја година. Со горењето на шумите, се зголемува емисијата на јаглероден диоксид, кој дотогаш бил заробен во деловите на дрвјата, со што се зголемува неговото количество во атмосферата и контрибуира во климатските промени. Квалитетот на шумите се намалува драстично со пожарите, со што страда целиот бидоиверзитет.

Трн: Колку фестивалите како ЕХО се придонес за развој на еколошката свест во земјава

Сара: ЕХО фестивалот е од огромно значење кога станува збор за презентирање на еколошката состојба во и вон државата. Мило ни е што секоја година сме дел од ЕХО и што гледаме дека заинтересираноста за фестивалот расте секоја година.

Со Сара Крстевска разговораше Адријана Георгиев за Трн.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен