Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Претставничкиот дом предложена резолуција да се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци

Копретседавачите со конгресната група за македонските Американци во Преставничкиот дом, претставија двопартиска резолуција со која се повикува септември да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство, јави Гласот на Америка на македонски јазик.

Резолуцијата поддржува да се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот придонес за САД.

Лиса Меклејн, републиканка од Мичиген, Клаудија Тени, републиканка од Њу Џерси, Деби Дингел, демократка од Мичиген и Брендан Бојл, демократ од Пенсилванија, изјавија дека Северна Македонија е значаен стратешки партнер и клучен сојузник на САД на Балканот и оти „со векови, Македонците емигрирале во Америка за да го отфрлат јаремот на комунизмот и да ја прифатат слободата да го остварат американскиот сон“.

Проценките се дека денес има околу 500.000 граѓани со македонско потекло кои живеат во САД, најголем број од нив во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

„Нивната приказна сега е наша колективна американска приказна бидејќи Македонците Американци низ земјата им возвраќаат на нивните заедници како сопственици на бизниси, избрани функционери и граѓански лидери“, се вели во заедничката изјава.

Двопратиската резолуција посочува дека од „1880-тите години, десетици илјади Македонци имигрирале во САД барајќи граѓански слободи, човекови права, верски слободи, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946–1949 година и комунистичката политика на Југославија“.

Членовите на македонската заедница во САД се активни и во медицината, вклучително во кардиоваскуларната и торакална хирургија, ортопедската хирургија, спортската медицина, акушерството и гинекологијата, а служат и во законодавните тела и судови низ САД, „соработувајќи во бескрајната работа на демократијата на САД“.

Во август 2023 година, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Слични резолуции за славење на македонско-американското наследство изминативе години имаа и Мичиген, Илиноис, Чикаго и Њујорк.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја поздрави одлуката на членовите на Конгресот за преставување на резолуцијата, велејќи „вашето лидерство ги почитува безбројните придонеси на македонските Американци за подобрување на САД“.

Конгресната група за Северна Македонија и македонските Американци е двопартиска група на членови на Конгресот на САД, посветена на одржување и зајакнување на позитивните и заемно корисни односи меѓу двете држави.

Зачлени се на нашиот е-билтен