Дел од јавноста веруваше дека Трамп ќе зборува за неговото здравје за кое во изминатите денови многу се шпекулираше. Белата куќа и Трамп ги отфрлија шпекулациите.
На почеток од обраќањето Доналт Трамп рече дека американската вселенска команда ќе биде сместена во Алабама, поништувајќи ја одлуката од ерата на Бајден да ја задржи во привременото седиште во Колорадо.
Тој рече дека оваа база ќе игра „клучна улога во изградбата на Златната купола“.
„Секој сака да биде дел од одбранбениот штит против ракети, ќе имаме Златна купола каква што никој досега не видел… Канада најави дека сака да биде дел од тоа и ќе биде одлично“, рече тој.
Трамп претходно објави планови за штит за противракетна одбрана по моделот на израелската Железна купола.
Ванс: Визионерски потег
Потпретседателот Џеј Ди Венс рече дека лобирал кај Доналд Трамп да ја премести американската вселенска команда во Охајо, но изгубил од Алабама.
„Лобирав кај претседателот да го направи тоа во Охајо, но тој рече дека овие луѓе зад нас, овие жители на Алабама, се премногу моќни и премногу убедливи. И така е во Алабама. Ова е вистинското место за Вселенските сили и Вселенската команда. Мислам дека Американците треба да го ценат фактот дека не можете да ја добиете битката на иднината ако не го контролирате небото, сајбер безбедноста, комуникациите, целата инфраструктура на битката, а 21-от век ќе биде во вселената. Беше тоа визионерски потег во првата администрација на претседателот за воспоставување на Вселенските сили, мислам дека тоа беше подеднакво визионерски потег за да се осигури дека Вселенските сили се токму таму каде што треба да бидат во Хантсвил, Алабама“, рече Венс.
„Кој и да го контролира небото, ќе ја контролира и иднината на војувањето“
Министерот за одбрана Пит Хегсет рече дека новата локација на Вселенската команда на САД ќе им помогне на Соединетите Држави да ја добијат вселенската трка.
„Ние сме многу напред во вселената, но ова ќе ни овозможи да останеме напред, бидејќи тоа е најважната област. Кој и да го контролира небото, ќе ја контролира и иднината на војувањето, а господине претседателе, денес вие се грижите тоа да се случи“, рече тој.