Во свечениот амбиент на „Понтификалниот институт за ориентални студии“ во Рим, вчеравечер се одржа проекцијата на документарниот филмот „1000 години – Сведок на Светлината“, посветен на илјадагодишнината на Бигорскиот манастир, во авторство и режија на Илија Ико Каров.
На иницијатива на амбасадорката на Северна Македонија во Ватикан, Марија Ефремова, а под покровителство на директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, документарецот за Бигорскиот манастир беше проектиран пред голем број амбасадори и други дипломати од повеќе држави, акредитирани во Светата Столица. Целта на оваа проекција беше запознавање на дипломатскиот кор од повеќе држави во Ватикан со македонското културно и духовно богатство.
На почетокот на настанот, свои пригодни обраќања имаа амбасадорката Ефремова, ректорот на Понтификалниот ориентален институт отец Давид Назар, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Сотировски, јеромонахот Кирил од Бигорскиот манастир и режисерот на филмот Илија Ико Каров.
-Денес имаме ретка прилика, поради која сме радосни, но и возбудени пред сите Вас да го презентираме еден од нашите најзначајни дијаманти, македонскиот православен манастир Св. Јован Крстител – Бигорски, кој е наше вредно културно и духовно наследство, но и современа реалност која плени по својот дух, дух кој илјада години го чува силен огнот на преданието на Црквата. Колку ли работи се променија во последниве 1000 години? Колку ли работи можеа да значат крај за ова наше светилиште? Колку среќна е денешната генерација која и покрај сé, е современик на илјадагодишен манастир кој е пожив од било кога?, истакна во својот говор директорот на КОВЗРГ Даријан Сотировски.
Јеромонахот Кирил од Бигорскиот манастир истакна дека му е чест и привилегија да се обрати на свечениот настан.
-Честа и срдечниот трепет во мене се дотолку поголеми, што ова наше достоинствено собрание се одвива овде, во Вечниот Град, in Urbe Aeterna, кој е сведок на безброј епохални настани, татковина на недобројни славни историски личности, град-музеј на еден цивилизациски континуум што трае ab Urbe condita, од 753 година пред Христа, па сè до денес. Сето ова, на вечерашниов наш настан му дава несомнено еден силен тон на мистично великолепие, рече јеромонахот Кирил.
Во средето на оваа цивилизациска лулка, додаде тој, ќе биде емитуван документарниот филм за еден, исто така, исклучително долг, милениумски духовен и културен континуитет. 1000 години – Сведок на Светлината, со што, посочи, се чини дека самиот наслов е доволно моќен, за да ја пренесе сериозноста и свештеноста на, со десет века напластуваната содржина на духовност, убавина, просветление, возвишеност, светост.
-Сонцето секое утро се буди и изгрева на Истокот, потоа сонливо, растејќи се издигнува на највисоката точка на небото; во својот зенит од каде што грее најсилно за сите. Потоа спокојно и полека го продолжува својот пат, упатувајќи се кон прегратките на Западот, каде што мирно ќе заспие и ќе зајде; ќе отпочине до утре. Бог така совршено ја усторил Светлината, што таа не може да биде целосна ниту без Истокот, ниту без Западот…, подвлече во својот говор, авторот и режисер на филмот, Илија Ико Каров, правејќи, меѓу другото, алузија и со животот на Свети Константин – Кирил Философ и на тој начин потенцирајќи ја врската на македонската земја со Вечниот Град.
Присутните гости со громогласен аплауз му оддадоа искрено признание на режисерот Илија Ико Каров, на првиот асистент на режија и монтажер Бранко Блажевски, кој беше меѓу присутните, како и на целата екипа којашто цели пет години заедно со него работеше на овој проект. (MIA)