Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Романија почнува обуката на украинските пилоти на ловците „Ф-16“

 Во Романија почнува обуката на украинските пилоти за летање со американски борбени авиони „Ф-16“, соопштија романскиот министер за одбрана Ангел Талвар и неговиот холандски колега Каиса Олонгрен, јави ДПА.

Двајцата го отворија Европскиот центар за обука на Ф-16 (ЕФТЦ) што се наоѓа во воздухопловната база Борча, во близина на Фетешти, на 150 километри источно од Букурешт.

Во оваа летачка програма Холандија обезбедува меѓу 12 и 18 „Ф-16“, а во неа се вклучуваат и романски пилоти. Првите пет „Ф-16“ пред една недела пристигнаа од Холандија во Романија. Производителот на авионот, компанијата „Локид-Мартин“, испраќа инструктори и помошен персонал.

Обуката за пилоти се очекува да трае најмалку шест месеци, а германската агенција нотира дека засега е нејасно кога Украина ќе може да распореди борбени авиони во воената зона.

Романија во моментов има 17 половни борбени авиони „Ф-16“, што ги купи од Португалија и за нив е потребно модернизирање. Таа од Норвешка , исто така, купи уште 32 половни „Ф-16“, а министерот за одбрана кажа дека првите осум од нив треба да бидат испорачани до крајот на оваа година. 

Зачлени се на нашиот е-билтен