Се повеќе болници во Романија затвораат цели одделенија поради недостиг на персонал. Во последните години во медицинските установи недостигаат 1.200 лекари годишно.
Забележлив е недостигот на специјалисти по анестезија, интензивна нега, психијатрија, кардиологија, радиологија, гастроентерологија.
-На многу болници им се заканува затворање затоа што немаат анестезиолог или имаат само еден, што не е нормално. Тој човек не може да има слободни денови, коментира Дорел Сундеск, претседател на Комисијата за анестезија и интензивна нега.
Во најголемата психијатриска болница во Романија „Проф. д-р Александру Обрегија“ има 120 лекари за 1200 пациенти. Еден лекар се грижи за десет пациенти, во некои одделенија дури и за 30.
Во Швајцарија, на пример, еден психијатар е должен да прегледа само четири пациенти дневно, не смее да прегледува повеќе, дури и да сака, има норма, изјави директорот на медицинската установа Едуард Моцоеску.
Од 2014 година, платите на лекарите во Романија се тројно зголемени. Психијатар во земјата заработува просечна плата од 3.000 евра месечно. Сепак, повеќето млади специјалисти претпочитаат да работат во други земји на ЕУ, на пример во Франција.
-Таму веќе има психијатриски болници каде што романскиот се зборува како втор јазик меѓу лекарите, објаснува Едуард Моческу.
Иако платите веќе не се ниски, лекарите не остануваат во Романија, главно поради недостигот од добро опремени болници и модерни терапии, забележува Диги24.
Од друга страна, раководителите на болниците велат дека доколку ги пополнат сите позиции не би можеле да ги плаќаат толку многу вработените.
-Имаме 200 работни места. Места, не пари. Ако вработиме 20 проценти од персоналот, практично ќе исплатиме плати само од буџетот на болницата, што е апсолутно невозможно, коментира Беатрис Малер, менаџер на Институтот за пневмофтизиологија (белодробни заболувања) „Мариус Наста“.
Во периодот 2014-2021 година, болниците под Министерството за здравство во Романија работеле со дефицит од 9.845 лекари. (МИА)