Руските истражители денеска соопштија дека привеле осомничена за експлозијата на бомба во кафуле во вториот по големина град во Русија, при што загина воениот блогер и поддржувач на руската кампања во Украина, Владлен Татарски.
Дарја Трепова е приведена под сомнение за вмешаност во експлозијата во кафуле во Санкт Петербург, соопшти рускиот Истражен комитет на Телеграм.
Според истрагата, Трепова е осомничена дека во кафулето донела кутија со биста на Татарски, во која имало експлозивна направа што го уби рускиот блогер.
На социјалните мрежи се појави наводна снимка од испрашувањето на Трепова во полициска станица.
Татарски загина вчера во експлозија во кафуле во Санкт Петербург, во која беа повредени уште 32 лица. (МИА)