На 21 декември (сабота), јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ќе изврши затворање на главниот градски цевковод во кругот на касарната во Ѓорче Петров. Причината е санација на неколку сериозни дефекти, вклучително и големо оштетување на улицата Никола Парапунов во Карпош 4, каде повеќе од десет дена се излева вода на улиците.
Од претпријатието најавија дека ќе бидат поправени и три дополнителни дефекти на затворачи по должината на цевководот Ф1600мм, кој се протега од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар „Партизански одреди“ со улицата Никола Парапунов.
„Станува збор за значаен зафат, кој вклучува затворање на главниот цевковод, што е исклучително редок случај. Последен пат вакво затворање е направено во 1991/1992 година,“ истакнаа од „Водовод и канализација“.
Затворањето ќе трае сè додека не завршат интервенциите, со што најголем дел од Скопје ќе остане без вода во текот на денот. Локалните жители во Карпош 4 веќе подолго време се соочуваат со проблеми како поплавени улици, тротоари и зелени површини, а ситуацијата дополнително е влошена поради насобраниот отпад на погодените локации.