Во Словенија денеска се одржува законодавен референдум на кој околу 1,7 милиони гласачи ќе се изјаснат „за“ или „против“ стапување во сила на Законот за асистирано доброволно прекинување на животот. Тоа е втор референдум за две години поврзан со прашањето на потпомогнато самоубиство и уште еднаш ја отвора чувствителната дебата за границите меѓу медицината, личната автономија и етиката.
Гласачките места се отворија утрово во 7 часот, а граѓаните одлучуваат дали да го потврдат законот што словенечкиот парламент го усвои во јули. Законот предвидува возрасен пациент, кој е ментално способен самостојно да донесува одлуки и страда од сериозна неизлечива болест или трајно нарушување на здравјето, под строги услови да може доброволно да го прекине својот живот со медицинска помош. Правото не би важело во случаи кога неподносливото страдање е последица на ментална болест.
Процедурата, според текстот на законот, би вклучувала повеќе нивоа на проверка: лекарска проценка, потврда дека сите достапни опции за лекување се исцрпени или не даваат реално очекување за подобрување, како и одлука на специјална комисија. Пациентот самиот ја администрира активната супстанција, а евтаназијата – директно предизвикување смрт од страна на медицински работник – останува забранета.
Законот ќе биде соборен ако мнозинството излезени гласачи гласа „против“ и истовремено се постигне посебен кворум за отфрлање – малку над 339.000 гласа „против“, што е законскиот праг потребен за да се блокира закон донесен во парламентот. Првите неофицијални резултати се очекуваат по затворањето на избирачките места вечерва, а конечниот исход треба да биде потврден најдоцна до почетокот на декември.
Словенија веќе стана прва источноевропска земја што го легализираше потпомогнатото самоубиство, откако минатата година на консултативен референдум 55 проценти од гласачите поддржаа таков модел. Но, процесот беше забавен и дополнително исполитизиран: Државниот совет во јули стави вето на првиот закон, повикувајќи се на комплексни етички и филозофски дилеми, по што беше усвоена нова верзија и распишан денешниот референдум.
Поддржувачите на законот тврдат дека станува збор за право на избор во исклучителни, медицински документирани ситуации на неподносливо страдање и потенцираат дека процедурите се строго регулирани и со повеќекратни филтри за злоупотреба. Противниците предупредуваат дека дури и со строги правила постои ризик најранливите пациенти да се почувствуваат притиснати да „не бидат товар“ и дека општеството испраќа опасен сигнал за тоа како се гледа на староста, болеста и инвалидитетот.
Денешното гласање затоа се смета за повеќе од техничка потврда на еден закон: тоа е тест за тоа колку словенечкото општество е подготвено да внесе во правниот систем државно регулирано асистирано самоубиство – и под кои услови. Резултатот ќе биде внимателно следен не само во регионот, туку и во останатите земји на ЕУ каде слични иницијативи се уште се предмет на жестоки политички и етички расправи.

