Во Сплит пристигна USS „Џералд Р. Форд“, најголемиот носач на авиони во светот

Американскиот носач на авиони USS „Џералд Р. Форд“ денеска пристигна во Сплит, каде што ќе има планирана посета и техничко одржување. Станува збор за носач од класата „Џералд Р. Форд“, кој американската морнарица го опишува како најголемиот носач на авиони во светот.

Бродот пристигнал во Јадранот по транзит од Суда Беј во Грција, каде што претходно бил на снабдување, гориво и поправки. Американската морнарица соопшти дека посетата на Сплит е дел од редовните активности на Шестата флота и од соработката со сојузниците и партнерите во регионот.

Според објавените податоци, USS „Џералд Р. Форд“ е долг околу 333 метри, има летна палуба широка 78 метри и може да носи околу 75 воздухоплови. Бродот е на нуклеарен погон и е предводник на новата генерација американски носачи на авиони.

Хрватските медиуми јавија дека станува збор за брод што пристигнува во Сплит по одобрението на хрватската влада за влез на американски воен брод на нуклеарен погон во внатрешните морски води и престој во пристаниште. Дел од медиумите потсетуваат дека истиот брод веќе престојувал во Сплит и во 2025 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен