Во Тел Авив 150.000 луѓе му оддадоа почит на Јицак Рабин – убиениот премиер кој се залагаше за мир

Околу 150.000 луѓе се собраа во саботата во Тел Авив за да му оддадат почит на Јицак Рабин, поранешен израелски премиер и добитник на Нобеловата награда за мир, кој беше убиен пред 30 години.

„Тоа беа поинакви времиња, кога лидерите преземаа одговорност – со зборови и со дела. Токму за таа одговорност денес копнее Израел“, изјави Гади Ајзенкот, поранешен началник на Генералштабот, пред насобраните на централниот плоштад во Тел Авив – местото каде што Рабин беше убиен и кое денес го носи неговото име.

Ајзенкот индиректно го критикаше актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој, според многу Израелци, одбива да преземе одговорност за настаните по масакрот на Хамас на 7 октомври 2023 година, пренесува DPA.

Рабин, кој ја доби Нобеловата награда за мир во 1994 година заедно со својот политички ривал Шимон Перес и палестинскиот лидер Јасер Арафат, беше убиен во ноември 1995 година од израелскиот екстремист Јигал Амир, затоа што се противел на мировните отстапки што Рабин ги предлагаше кон Палестинците.

„Пред триесет години, на врвот на кампања на омраза и дезинформации, Рабин беше застрелан со три куршуми – убиен беше премиерот, а со него и надежта за мир“, порачаа организаторите на комеморацијата, пренесува Times of Israel.

Лидерот на опозицијата Јаир Лапид изјави дека тие три куршуми не биле насочени само кон еден човек, туку кон самата идеја за мир.

Мировниот процес од Осло веќе бил во криза пред убиството, но смртта на Рабин претставувала пресвртна точка во израелско-палестинските преговори.

Денес, решението за две држави, кое Рабин го застапуваше, се смета за речиси невозможно за постигнување, а Нетанјаху целосно го отфрла.

Зачлени се на нашиот е-билтен