Во Вашингтон денеска ждрепка за СП 2026 – историски Мундијал

Составот на групите за Светското првенство во фудбал 2026 денеска ќе се одредува во „Кенеди центарот“ во Вашингтон, каде од 18 часот по македонско време ќе се одржи свечената ждрепка за СП 2026 во Вашингтон.

Мундијалот ќе се игра од 11 јуни до 19 јули 2026 година во три земји – САД, Канада и Мексико. Ова ќе биде прво светско првенство со проширен формат од 48 репрезентации, поделени во 12 групи со по четири селекции. Во нокаут-фазата ќе влезат дури 32 екипи: првите две од секоја група и осумте најдобро пласирани третопласирани, што за првпат воведува осминафинале со толку широк распон на учесници

Ждрепката ќе започне со извлекување на селекциите од првиот шешир. Како домаќини, Мексико, Канада и САД веќе имаат резервирани позиции во различни групи, а важи и стандардното правило дека репрезентации од иста конфедерација не можат да бидат во иста група, освен европските, каде во секоја група ќе има најмалку една, а најмногу две екипи од УЕФА. Дел од групите ќе бидат целосно пополнети уште вечерва, а остатокот ќе се заокружи по мартовските баражи.

ФИФА настанот го најавува како голем телевизиски и шоу-бизнис спектакл. На сцената во Вашингтон ќе се појават познати имиња од светот на музиката и забавата, а церемонијата ќе ја водат светски познати ѕвезди како Хајди Клум, во друштво на познати актери, комичари и спортисти кои ќе учествуваат во претставувањето на групите.

За македонските навивачи, ждрепката носи и дополнителен интерес: Македонија сè уште се бори за место на Мундијалот преку баражот во март, но вечерва ќе стане јасно во која група би настапила доколку успее да избори пласман. Така, во Вашингтон не се влечат само топчиња, туку се црта и можната голема светска сцена на која македонската репрезентација ќе може да се појави за првпат.

Зачлени се на нашиот е-билтен