Ревизорските наоди за работењето на Служба за општи и заеднички работи (СОЗР) под раководство на Ивица Томовски за 2024 година отвораат едноставно, но незгодно прашање: кога во угостителските објекти што ги управува службата не се води дневна финансиска евиденција, кога уплатите од готовина доцнат со месеци и кога се прекинува фискализацијата, како се утврдува „кој јаде, кој плаќа“ во бифето на Влада на Република Северна Македонија?
Во соопштението на Државен завод за ревизија се наведува дека не се изготвува „книга на дневни финансиски извештаи“ со податоци за промет и ДДВ, дека уплатата на средства од готовина се врши со задоцнување од неколку месеци, па дури има и уплати што потекнуваат од 2023 година. Дополнително, поради прекини во одржување на фискалната апаратура е забележан низок „дневен пазар“, а за јуни 2024 година не се издавале ниту фискални сметки ниту парагон-блокови за готовински промет.
Ревизорите ја нотираат и материјалната страна на истиот проблем: по пописот за 2024 година утврдена е разлика меѓу сметководствената и фактичката состојба на залихите на прехранбени производи во главниот магацин од 4,187 милиони денари, без предложени мерки за расчистување на состојбата.
Слична „сива зона“ се појавува и кај ситниот инвентар. Во пописот е утврден кусок од 4,208 милиони денари, без мерки за утврдување одговорност, при што како причина се посочува дека не може да се потврди дали станува збор за несоодветно управување или за недоследности во софтверот за евиденција.
Извештајот не застанува на бифето. Ревизијата укажува и на слабости во проценувањето и водењето евиденција за средства со кои располага службата, вклучително и земјиште со висока евидентирана вредност, како и случаи каде продадено земјиште продолжува да се води во евиденцијата. Паралелно, се посочуваат ризици и кај опремата (висок степен на отпишаност), како и примери на давање опрема на други субјекти без соодветна документација.
Во делот на практиките што „генерираат расходи“, ревизијата посебно го издвојува моделот со оперативен лизинг: со договори се обезбедуваат 45 возила и се нотира дека недостигаат процедури за планирање на потребата, нема систематска анализа на економската оправданост и во последните постапки се јавува слаб сигнал за конкуренција.
Кога вакви забелешки се спојат со констатациите за доцнење на уплати, прекини во фискализација и пописни разлики, добиваат политичка тежина што оди подалеку од бирократски пропуст: станува збор за модел во кој контролата е реактивна, а трагата на парите – прекината. Ревизорите велат дека дале препораки за надминување на состојбите; следното прашање е дали тие ќе се претворат во конкретни одлуки, постапки и одговорност – особено таму каде што државата мора да биде пример, а не исклучок.