Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Зрновци доделени признанија по повод 8 Ноември – Денот на општината

Десетина граѓани и општествено одговорни компании кои во изминатиот едногодишен период дале особен придонес во општествениот и економскиот развој на општина Зрновци денеска добија признанија од Локалната самоуправа во рамки на одбележувањето на 8 Ноември – Денот на општината.

Одбележувајќи го и верскиот празник посветен на Свети Димитрија – заштитник на општината, на неговиот споменик во центарот на Зрновци беше положено свежо цвеќе, а потоа Советот на Општината одржа свечена седница на која беа доделени признанијата.

Во освртот за досега реализираните инфраструктурни, комунални, социјални, образовни и други проекти, градоначалникот Борчо Коцев нагласи дека нивната вредност до крајот на годината се очекува да достигне над четириесетина милиони денари, што е неколкукратно повисок износ од основниот општински буџет.

-Заедно со Советот и вработените во стручните служби, со локалните институции и Локалниот младински совет годинава реализиравме голем број проекти за подобрување на животните услови за сите нас. Тоа особено се однесува кај патната инфраструктура со што го менуваме ликот на трите населби во општината и ја подобруваме безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Селото Видовиште доби станица за пречистување на водата, направено е ново дупчење за вода, а покрај постојниот, во изградба е нов резервоар за водоснабдување. На реката во селото Мородис наскоро ќе почне изградба на армирано-бетонска преграда и мини акумулација за наводнување, а ќе биде реализиран и проект за уредување простор за спорт и рекреација. Обезбедени се 24 милиони денари за промена на секундарната водоводна мрежа во Зрновци, чија реализација ќе почне напролет, истакна Коцев.

Унапредувајќи ги условите за економски развој, Општина Зрновци ги привршува планско-урбанистичките активности за пет урбани блокови, на кои се обезбедени 22 хектари приватно и земјиште во државна сопственост, каде ќе можат да се изградат објекти за домување и за стопанска дејност. Со социјалните мерки од општинскиот буџет е обезбедена финансиска поддршка за успешните ученици и студенти, ангажирано е стручно лице логопед, а во соработка со Министерството за здравство ќе се изработи проект за реконструкција на амбулантата во Зрновци. 

Во рамки на одбележувањето на празникот на Општина Зрновци, денеска и во текот на викендот ќе се одржи богата музичко-забавна програма, во која ќе учествуваат учениците од основното училиште, фолклорни ансамбли и рок групи, а ќе се одигра и финалниот натпревар од Митровденскиот турнир во мал фудбал.

Зачлени се на нашиот е-билтен