Голем дефект на водоводна цевка во населбата Влае вечерва го остави без вода значителен дел од Скопје. Без вода се делови од општините Ѓорче Петров, Хром, Влае, Карпош, Козле, Центар, како и поединечни делови од Аеродром, Кисела Вода и Лисиче.
Од ЈП „Водовод и канализација“ потврдија дека дефектот се наоѓа на улицата „Франце Прешерн“ бр. 100Д, каде е пукната водоводна цевка со профил од Ф600 милиметри.
„Ве известуваме дека поради сериозен дефект на водоводна цевка Ф600 мм на улица ‘Франце Прешерн’ во Влае, со прекинато водоснабдување ќе биде голем дел од градот, додека останатите населби ќе имаат намален притисок. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на санацијата,“ се вели во соопштението од Јавното претпријатие.
Екипите на „Водовод и канализација“ се на терен и работат на отстранување на дефектот, но засега не е познато кога ќе биде воспоставено нормално водоснабдување.