НАТО не учествува во разговорите за евентуален воен сојуз меѓу Тирана, Приштина и Загреб, порача Радмила Шекеринска заменичка генерален секретар на НАТО во интервју за Бета. Пораката доаѓа во момент кога на Балканот повторно се редат иницијативи што звучат како „безбедносни чадори“, а во пракса се претвораат во политички сигнал – кон соседите, кон домашната јавност и кон сојузниците.
Шекеринска нагласи дека членството во Алијансата не е пречка држави-сојузнички да склучуваат дополнителни одбранбени договори со трети страни, но паралелно предупреди на поширокиот тренд: повеќе воени вежби и повеќе инвестиции во одбраната, под притисок на глобалната геополитика. Во такви услови, НАТО – според нејзините пораки – инсистира политичкиот дијалог да биде прв механизам за решавање отворени прашања, а не нови „пактови“ што лесно се читаат како закана.
Како аргумент за „стабилизациска улога“, таа посочи дека Албанија и Хрватска, освен што се членки на НАТО, учествуваат и во КФОР. Но, токму тоа е и точката што ја отворија критичарите: ако постојат НАТО рамки и мисии, зошто е потребна дополнителна конструкција што во јавноста се продава како „сојуз“?
Во Србија реакциите се веќе дел од наративот. Александар Вучиќ оцени дека евентуалното здружување би било директна закана и побара одговор зошто две НАТО членки би барале „уште еден“ воен договор, ако веќе имаат колективен систем. Во таква атмосфера, секоја формулација – и кога е декларативна, и кога е техничка – станува гориво за нова трка во перцепции.
Контекстот е дополнително засилен од документот за трипартитна одбранбена соработка меѓу Албанија, Хрватска и Косово, одржан во Тирана на 18 март 2025 година, кој ја поставува рамката за продлабочување на безбедносната и одбранбена координација.