Војската го уапсила претседателот на Гвинеја-Бисао, во земјата се изведува државен удар

Тензиите во земјата се разгореа само три дена по претседателските избори што се одржаа на 23 ноември, на кои сегашниот шеф на државата тврдеше дека победил во првиот круг со 65 проценти од гласовите

Претседателот на Гвинеја-Бисао, Умару Сисоко Ембало, изјави дека денеска околу пладне бил уапсен во неговата канцеларија во претседателската палата, тврдејќи дека е во тек обид за државен удар во земјата.

Како што изјави за локалниот весник „Жене Африк“, заедно со него биле уапсени началникот на Генералштабот, генерал Биаге На Нтан, заменик-началникот на Генералштабот, генерал Мамаду Туре, како и министерот за внатрешни работи, Боче Канде.

Ембало изјави дека според неговите сознанија не е употребена сила против уапсените службеници, а за организирање на државниот удар го обвини командантот на копнената војска.

Истовремено, во текот на денот, во близина на претседателската палата и седиштето на изборната комисија се слушнале истрели, додека на главните влезови во претседателската зграда биле забележани вооружени воени патроли.

Тензиите во земјата се разгореа само три дена по претседателските избори што се одржаа на 23 ноември, на кои сегашниот шеф на државата тврдеше дека победил во првиот круг со 65 проценти од гласовите.

Официјалните резултати требаше да бидат објавени утре, а владата и опозицијата во последните неколку часа меѓусебно прогласија победа.

Изборите беа во голема мера мирни, но без учество на главниот опозициски лидер Домингос Симоес Переира, на кого не му е дозволено да се кандидира. Неговата партија PAIGC го поддржа главниот ривал на Ембал, Фернандо Дијаз да Коста.

 

Зачлени се на нашиот е-билтен