Вонредна информација: Поплави, свлечишта и одрони по обилните врнежи низ цела Македонија

Денешниот утрински мониторинг на состојбата по обилните врнежи од дожд покажува различни последици низ земјата, со најголеми проблеми на југозапад и во делови од централна Македонија, се вели во најновото вонедно соопштение од Центарот за управување со кризи.

Штип – Одроните од камења и свлечиштата зачестиле на коловозите како резултат на претходните врнежи. Возачите се повикуваат на внимателност.

Скопје – Во скопскиот регион нема пријави за нарушување на нормалната состојба на патиштата или инфраструктурата.

Охрид – До 12:30 часот нема регистрирани поплавени објекти. Надлежните од Кризниот штаб ја провериле реката Далјан кај селата Орман и Дебелополе. Има излевање на реката Сушица на ул. Прилепска, за што е испратена механизација од ЈП „Нискоградба“. Исто така, постои опасност од излевање на реката Далјан кај Косел и село Вапила доколку врнежите продолжат.

Во Струга, поплавени се дворови на 4-ти Реон, а екипи на ТППЕ-Струга интервенираат со пумпи за испумпување на водата. На патот Дебар–Струга има одрони, службите на Македонија Пат се на терен.

Велес и Битола – На подрачјето на Велешкиот регион нема нарушувања. Во Битола, градското подрачје е нормализирано, но во селата Кравари, Жабени, Породин и околу Елешка река се поплавени земјоделски површини од 10 до 80 ха. Патот за Буковски манастир е раскопан, а мостот од Боишка река е затворен за сообраќај.

Како резултат на поројните врнежи, дојде и до поматување на водата за пиење – се препорачува вриење најмалку 10 минути. Голема Река кај Ресен бележи раст од 1.40 м на 1.65 м, а сите механизација и пумпи се на терен за справување со водата.

Струмица и Куманово – Засега нема пријави за штети или излевање на реките, сите патни правци се проодни со влажни коловози.

Тетово и Гостивар – До 12:00 часот нема пријави за штети или поплави.

Ситуацијата останува динамична, особено на југозапад и кај критичните точки на реките. Граѓаните се повикуваат на внимателност, а надлежните служби продолжуваат со мониторинг и интервенции на терен.

Зачлени се на нашиот е-билтен