Возачот на автобусот од Сремска Митровица има 70 години, утврдени се повеќе од 60 неправилности кај превозникот

Припадниците на Министерството за внатрешни работи во Сремска Митровица, во соработка со Основното јавно обвинителство, го уапсија Д. К. (1955), возач на автобусот на превозникот „Sirmium bus“, под сомнение дека сторил тешко дело против безбедноста на јавниот сообраќај.

Според информациите, осомничениот управувал со автобус на делницата Јарак – Сремска Митровица, кога се случила сообраќајната несреќа во која животот го загубија три лица. На возачот му е одредено полициско задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.

Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека во изминатите две години спровело три инспекции на превозникот „Sirmium bus“ и утврдило повеќе од 60 неправилности, за кои биле поднесени прекршочни пријави и барања за покренување постапки пред надлежен суд.

Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави денеска за ТВ Прва дека за несреќата е одговорен возачот на автобусот, кој бил уапсен. Тој додаде дека ќе се испитуваат сите околности, бидејќи возачот, на 69-годишна возраст, добил лекарско уверение со неограничено важeње.

„Во автобусот имало повеќе од 80 патници, 57 се повредени, а седум или осум лица се во тешка состојба, но стабилни. Според информациите од сообраќајната полиција, причината е неприлагодена брзина. Се разбира, тоа ќе биде предмет на понатамошна анализа“, изјави Дачиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен